УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛА НАПРАВИЈА ИНТЕРНЕТ ВОДИЧ ЗА СПОМЕНИЦИТЕ НА ПАРТИЗАНИТЕ

    УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛА НАПРАВИЈА ИНТЕРНЕТ ВОДИЧ ЗА СПОМЕНИЦИТЕ НА ПАРТИЗАНИТЕВеб-картата ја изработија учениците од основното училиште „Тодор Ангелевски“ од Битола (Фото: СДК.МК)

    Учениците од основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола ја изработија првата веб-карта на која се обележани локации со бисти на паднати борци, споменици, спомен-куќи и спомен-плочи од периодот на Народноослободителната борба во Битола. Веб-картата наречена „Патеката на хероите – спомените што говорат“ претставува сеопфатен документ каде се претставени податоци за објектите, нивното значење, како и фотографии и анализи поврзани со животот и делото на паднатите борци.

    Учениците кои го направија истражувањето под менторство на наставничката по географија Гордана Богоевска на мапата означија 51 локација со партизански обележја. Во различни бои и симболи ги претставија бистите на борците, спомениците, спомен-плочите и спомен-куќите, а со кликнување на локациите се отвора прозорче со сите податоци и фотографии.

    „Повеќето од борците се запаметени како вечно млади зашто над 75 проценти умреле до 35. година, а од нив околу 50 проценти имале 19 до 25 години. Само пет борци доживеале над 55 години. Најмладиот борец Панде Кајзеро имал само 19 години. Меѓу спомен-плочите е и онаа на Блаже Рогозинаро, каде во објектот имало дуќан за рогозинарски работи, а позади илегален стан каде се криеле партизани“, кажаа учениците.

    Со истражувањето се опфатени 31 партизан и 4 партизанки, чија храброст инспирира. Меѓу жените борци се Мирка Гинова, која загинала на 30 години како првата жена стрелана во Грција од политички причини и Елпида Караманди, која на 22 години била тешко повредена при опколувањето на партизанскиот одред „Пелистер“ и храборо го поднела мачењето пред да почине. Фана Цветковиќ учествувала во Февруарскиот поход и била прогласена за народен херој на Југославија, а починала на 77 години. Естреја Овадија-Мара загинала на 20 години во борба со бугарските окупаторски сили на Кајмакчалан.

    Истражувањето го спроведоа учениците Ангела Шлакеска, Бојан Драгарски, Миа Мицевска, Димитар Стефановски, Јована Василевска, Филип Чокузовски и Матеј Масалкоски. Беше поддржано од Општина Битола преку повик за развој на волонтерството, на кој учествуваа ООУ „Тодор Ангелевски“ и Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола.

    „Ова е многу пријатно изненадување за Сојузот на борци од Битола. Последните седум-осум години се бориме да влеземе во училиштата и да им дадеме еден поттик за почит кон овие луѓе кои загинаа во НОБ“, рече Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борци од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира