УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛСКОТО ТЕХНИЧКО УЧИЛИШТЕ НАПРАВИЈА УРЕД ЗА МЕРЕЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО И ДОБИЈА НАГРАДА ОД 6.000 ДОЛАРИ

    УЧЕНИЦИ ОД БИТОЛСКОТО ТЕХНИЧКО УЧИЛИШТЕ НАПРАВИЈА УРЕД ЗА МЕРЕЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО И ДОБИЈА НАГРАДА ОД 6.000 ДОЛАРИВаквото иновативно решение им донесе прво место на натпреварот што се одржа во рамки на дводневниот хакатон на Факултетот и информатички и комуникациски технологии во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Шест ученици од Техничкото училиште од Битола, под менторство на професорката Александра Колевска-Јовановски, изработија уред со напредни сензори за мерење на квалитетот на воздухот поврзан со апликација која овозможува корисниците да ги следат податоците за загадувањето во реално време. Ваквото иновативно решение им донесе прво место на натпреварот што се одржа во рамки на дводневниот хакатон на Факултетот и информатички и комуникациски технологии во Битола, за што добија награда од 6.000 долари да го реализираат и усовршат проектот. Иновативното решение го креираа учениците Димитар Србиновски, Ристијан Ристески, Никола Алексовски, Емилија Југовска, Христијан Атанасовски и Андреј Манасиев.

    Првичната идеја тимот „ЕкоМакс“ ја дефинирал на само неколку дена пред почетокот на „Климатонот“, а најголемиот дел од подготовките ги направиле за време на натпреварувањето. Работејќи интензивно и со голем ентузијазам, за два дена го развиле и завршиле иновативното решение. Апликацијата има важна едукативна и мотивациска улога, и преку неа се организираат настани за подигнување на еколошката свест.

    Ваквото иновативно решение им донесе прво место на натпреварот што се одржа во рамки на дводневниот хакатон на Факултетот, за што добија награда од 6.000 долари да го реализираат и усовршат проектот.

    „Животната средина во Битола, а и во Македонија, е на доста ниско ниво што и всушност беше причината за создавање на ‘ЕкоМакс‘. Младите треба да бидат свесни за проблемот со загадувањето и да се сплотат со цел да го подобрат квалитетот на животната средина, а единствениот начин тоа да го сториме е заедно“, велат учениците.

    Тие на натпреварот се соочија не само со конкуренција од други средни училишта, туку и со фирми и студенти. Со ова се инспирираат и други ученици да учествуваат во вакви настани, што може да има значајно влијание врз заедницата и животната средина.

    Менторката Колевска-Јовановски, професорка по предмети од електро групата и областа на програмирање, вели дека со овој натпревар учениците добиле можност да ги претворат стекнатите знаења од наставата во практични решенија, што е клучно за вистинско разбирање и совладување на материјалот. Големо влијание врз успехот имало и дополнителното учење надвор од наставата, преку експериментирање, решавање на проблеми и тестирање на различни технологии со што стекнале вештини што не секогаш се опфатени во формалното образование.

    „Учеството на вакви натпревари игра важна улога во нивниот развој, бидејќи ги усовршуваат своите тимски и комуникациски вештини, учат како да работат под притисок и стекнуваат искуство во претставување и аргументирање на своите идеи пред стручни лица. Сето ова придонесува не само за успешноста на проектот, туку овој процес го зајакнува нивното знаење и ги подготвува за идни предизвици во нивниот личен и професионален развој’’, вели Колевска-Јовановски.

    Професорката и учениците активно учествуваат на натпревари и имаат постигнато значајни резултати, меѓу кои и прво место во 2024, а второ во 2023 година на Државните натпревари за електротехнички, машински и сообраќајни училишта во Македонија

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира