УЧИЛИШТАТА И ГРАДИНКИТЕ ВО ВЕЛЕС ЌЕ ДОБИЈАТ КОНТЕЈНЕРИ И КАНТИ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД, ЗА ШТО ЌЕ БИДАТ И НАГРАДУВАНИ

    УЧИЛИШТАТА И ГРАДИНКИТЕ ВО ВЕЛЕС ЌЕ ДОБИЈАТ КОНТЕЈНЕРИ И КАНТИ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД, ЗА ШТО ЌЕ БИДАТ И НАГРАДУВАНИПромоција на проектот се одржа во ОУ „Блаже Конески“, кое прво во градот доби два контејнери и 12 канти (Фото: СДК.МК)

    Техничко-технолошкиот факултет од Велес го промовираше проектот добиен од ЕУ, со кој основните и средните училишта и градинките од градот ќе добијат контејнери и канти за селекција на отпад.

    По повод 16 ноември, Светскиот ден на еколошките движења, во ОУ „Блаже Конески“ се одржа промоција на проектот, при што училиштето, прво во градот, доби два контејнери и 12 канти за селектирање на пластика и хартија. Проектот е насловен „Стимулирање на учество на граѓаните во рециклирачки процеси преку бенефит систем“ и е кофинансиран од ЕУ. Целта е да се селектира отпадот, но учесниците за тоа да добијат финансиски надомест.

    Учениците од „Блаже Конески“ само за еден ден собрале 340 килограми пластика, 800 кг хартија, 16 парчиња електронски отпад и пет кг батерии.

    „Учениците со собраните количества отпад покажуваат интерес. Сметаме дека преку овој проект младите ќе ја пренесат пораката на постарите, за да направиме систем. Затоа наша целна група се учениците од основните и средните училишта, како и градинките. Ние им обезбедуваме контејнери и канти, оти регистриравме дека им недостига инфраструктура. Но, тие треба да се сочуваат за подолг период, системот да има одржливост и, секако, корист. За собирањето на отпадот секоја институција ќе добие и финансиска награда. Работиме на систем во којшто секое училиште ќе биде наградено според количината што ќе ја собере“, кажа проф. д-р Зора Узуноска од ТТФ.

    Во проектот се вклучени пет земји, Албанија, Бугарија, Грција, Кипар и Македонија. Вкупниот фонд е 110.000 евра, а секој учесник треба да одвои средства за да учествува, што потоа се враќаат.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира