Во скопската Зоолошка градина угина и третиот коњ. Во саботата угинаа два коња, а вчера пцовисал и третиот. Станува збор за пржевалски коњи кои се ретки и скапи, по потекло се од Монголија, а во Скопје се донесени од национален парк во Австрија како донација на приватна фирма.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека вчера околу 14 часот е пријавено дека угинал уште еден коњ во градината.
В. д. директорот на скопската Зоолошка градина Зоран Попов не кажува што се случило и како е можно трите коња да укинат за два дена. Тој не одговараше на нашите телефонски повици туку само ни напиша порака дека случајот е пријавен во полиција и по добиените резултатите од Факултетот за ветеринарна медицина јавноста ќе биде известена.
Во Зоолошката градина во мај угина и жирафата Каспер. Според патохистолошката анализа од Факултетот за ветеринарна медицина, беше констатирана инфекција од салмонела. Оваа бактерија била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата. Притоа, во цревата биле најдени и паразити.
Лани во јули во градината беа заклани 12 коњи, по што беше разрешен тогашниот в. д. директор Кристијан Стаменов.
Пред еден месец, скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Кандидатскиот статус на кој се работеше десетина години е изгубен поради неисполнување на обврските зададени од ЕАЗА изминативе две години.
А. АНТЕВСКА