Извадени се повеќе стеги или држачи на столбовите внатре во големата градска монтажна гаража во Кавадарци, а жителите предупредуваат дека постои опасност таа да падне бидејќи се паркира и на покривот.
„Да потсетиме дека и кровот на гаражата исто така се користи за паркирање на сите видови возила и товарот е многу голем. Па врз глава ќе му падне на некого гаражата! Каков народ сме? Никаква грижа за тоа што е заедничко, на градот, на заедницата….не само што не се чува, туку и да се дрпне ако може“, реагираат кавадарчани.
Жителите велат дека затегите и столбовите најверојатно се крадат за да се употребат за затегнување плугови за трактори.
Од Општина Кавадарци не одговорија дали кражбите ги пријавиле во полиција и што ќе преземат за отстранување на опасноста и обезбедување на гаражата.