Во организација на тетовското Здружение „Дијамантски петел“, во спортската сала во Брвеница се одржа изложба на украсни птици на која учествуваа излагачи од повеќе градови од Македонија, а како и гости излагачи од Грција и Албанија. Изложени се над 520 експонати од повеќе категории живина.
Меѓу бројните посетители на изложбата големо внимание предизвикуваа птиците кои имаа интересен изглед, но и силни егзотични бои. Такви беа и малечките шатки наречени „мандаринки“.
„Овие птици познати како ‘мандаринки‘ ги одгледувам повеќе години. Доста се специфични за одгледување бидејќи бараат соодветни услови, големо внимание и чистота, задолжително да има доволно вода каде пливаат и куќичките треба да им бидат добро наместени. Несат од девет до единаесет јајца само еднаш годишно и тоа напролет. Јас во мојот дом во село Дабиле имам дваесетина вакви егзотични шатки. Поради своите многу карактеристични бои и шарки, луѓето многу ги бараат за украс во дворовите, а цената им е 50 евра за единка“, вели Панче Филев од струмичко Дабиље.
На годинашнава изложба доминираа кокошките и петлите, од оние најмалите па до големи примероци кои тежат и по неколку килограми. А такви големи кокошки одгледува Неџатин Демировски од село Батинци.
„Ова се кокошки од видот ‘италијанки‘ и јас дома имам околу 80 кокошки. Овие кокошки се среќаваат во 34 различни бои, жолти, сребрени, златни, црвени и многу други бои. Оваа раса кокошки постои од 1820 година. Прво била со сребрена боја, па потоа со златна и сега ги има со многу бои. Карактеристично за овој вид кокошка е што носат од 300 до 320 јајца годишно, но само како е пуштена слободно да се шета, а ако е во кафез тогаш носи нешто помалку јајца. Јајцата се големи и можат да тежат дури до 80 грама. Живеат од 8 до 9 години, а петлите можат да достигнат тежина и до 5 килограми. На главата имаат една бела дамка, ние ја викаме ‘минѓушка‘ која потсетува на срце и е со одредена големина и мора да има жолти нозе, тоа се главните одлики на овој вид кокошка. Ова се навистина благородни кокошки и јас ги одгледувам веќе 17 години“, вели Неџатин Демировски од скопско Батинци.
„Ова е 19-тата по ред изложба на Здружението и 9-та Државна изложба на украсни птици. Имаше изложувачи од Струмица, Кичево, Битола, Охрид, Скопје и други градови, а имаме и гости од Грција и Албанија кои овде доаѓаат да стекнат искуство бидејќи во нивните земји ова хоби сè уште е во почетна фаза. Изложени се 528 експонати од повеќе категории, но најмногу доминира крупна живина, средно тешка живина и декоративна живина. Има и околу 20 видови украсни папагали како и 196 единки гулаби меѓу кои има изложено и македонски раски гулаби, а тука и тетовскиот гулаб, кој сакаме да и на овој начин да го форсираме, кој е стандардизиран во рамките на македонската асоцијација, но ни се потребни уште малку финеси за усовршување за да биде признаен и на меѓународно ниво“, Ванчо Илиевски претседател на клубот „Дијамантски петел“ од Тетово и организатор на изложбата.
На изложбата беше претставен и Каталогот со стандарди и основни карактеристики на македонските раси живина и гулаби. Тоа е прирачник кој многу може да им користи на одгледувачите во напорите да се заштити националното македонско културно богатство од областа на гулабарството и живинарството. Каталогот е издаден од Македонската асоцијација на одгледувачи на украсни птици и Здружението „Дијамантски петел“ од Тетово.
З. АНДОНОВ






