УЛИЦАТА АМИНТА ТРЕТИ ПАК ЌЕ БИДЕ ЛЕНИНОВА, ЈОРДАН МИЈАЛКОВ – ЖЕЛЕЗНИЧКА

    УЛИЦАТА АМИНТА ТРЕТИ ПАК ЌЕ БИДЕ ЛЕНИНОВА, ЈОРДАН МИЈАЛКОВ – ЖЕЛЕЗНИЧКАУлицата Ленинова, која беше сменета во Аминта Трети. (Фото: СДК.МК)

    Познатите улици во Скопје чии имиња беа сменети во времето на ВМРО-ДПМНЕ пак ќе се викаат по старо. Од Град Скопје вчера ја објавија листата од 571 име според која во иднина би се именувале улици, плоштади, паркови и мостови.

    Од Град Скопје објаснуваат дека граѓаните нема да имаат дополнителен трошок, бидејќи личните документи со потенцијалните нови имиња на улици не се менуваат до истекот на нивната важност.

    Покрај новите имиња се предвидува да се вратат и старите имиња на улиците и тоа Аминта Трети пак да биде Ленинова, Јордан Мијалков во Железничка, Филип Втори во Стив Наумов. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата Мексичка наместо Петре Пирузе, а Борис Сарафов пак ќе стане 4 Јули.

    „Едно од моите предизборни ветувања беше враќање на идентитетот на Скопје. Ги враќаме старите имиња на добро познатите скопски улици”, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Во листата на нови имиња се пејачот Дејви Боуви и групата „Квин“, групите „Леб и сол“, „Лева патика“ и „Мизар“. Улица ќе биде именувана и по Есма Реџепова, како и по филмот „Медена земја“.

    Во листата е и новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур, Атина Бојаџи, како и заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи. Во листата се и писателите Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески.

    Се предлага еден плоштад да се вика „Вера, надеж и љубов“, а улица да биде именувана и според местото Нивици каде беше потпишан Договорот од Преспа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира