И УМЕТНИЦИТЕ СЕ РАБОТНИЧКА КЛАСА, ВЕЛИ ИЗЛОЖБАТА „ОБОИ ЦРВЕНО“ ВО БИТОЛА

    И УМЕТНИЦИТЕ СЕ РАБОТНИЧКА КЛАСА, ВЕЛИ ИЗЛОЖБАТА „ОБОИ ЦРВЕНО“ ВО БИТОЛАДело од изложбата „Обои црвено“ на ликовниот уметник Никола Славевски од Битола (Фото: СДК.МК)

    „Голем дел од уметниците денес ѝ припаѓаат на работничката класа“, вели ликовниот уметник Никола Славевски од Битола. Тој својата изложба ја наслови „Обои црвено“ зашто смета дека ставајќи доминантно црвена боја на своите дела ќе ги поттикне уметниците да ја градат својата класна свест за тоа каде навистина припаѓаат.

    „Самите уметници треба да сфатат дека и тие се дел од таа работничка класа. Во некои други услови можеби тие доживуваат дека имаат некакви привилегии, но денес кога нивниот труд е неплатен, кога тие не можат да се вработат како уметници, па мора да работат по фабрики, треба се свесни дека станува збор за работничка класа и дека тие се дел од неа“, вели Славевски.

    Славевски изложбата ја наслови „Обои црвено“ зашто смета дека ставајќи доминантно црвена боја на своите дела ќе ги поттикне уметниците да ја градат својата класна свест за тоа каде навистина припаѓаат (Фото: СДК.МК)

    На изложбата беа поставени дваесетина слики на платно на кои доминираа социјалистички лидери од минатото, револуционери, социјалистички симболи и црвената боја. Понатаму беше изложена и инсталацијата која го симболизираше иселувањето на младите.  Истата таа пред неколку месеци беше поставена пред споменикот на Филип Втори во Битола, а се состоеше од скенер, куфери и една авионска карта укажувајќи на загрижувачкиот тренд на ислеување на младите од Битола.

    Дело на изложбата (Фото: СДК.МК)

    На изложбата вниманието на присутните го привлекоа и колажи од фотографии на фабрики отворени со странски инвестиции, врз кои со црвена боја беше испишано „капитализам модел на управување  каде богатствотио се создава колективно, а се присвојува индивидуално“.

    „Без разлика што кај нас се променија некои работи, мислам дека сѐ уште има простор за критика и промени во ова општество зашто нашата социјална сигурност е на многу лошо ниво, работничките права, условите на работничката класа се многу лоши, немаме квалитетно синдикално организирање, секоја иницијатива за такво нешто се убива и уништува, и кај нас е потребно едно револуционерно движење, па сметам дека огромна нужност е да се обои  црвено уметноста, осносно уметноста да премине на револуционерни позиции“, вели Славевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира