Не поминаа ни две недели, а спомен-плочата поставена на местото на убиството на 8-те бранители кај тетовското село Вејце, е отстранета и најверојатно уништена. На местото на убиството на 28 април 2001 за време на воениот конфликт, сега се наоѓаат само расфрлани цвеќиња кои беа положени при неодамнешното чествување на овој настан. Таблата со имињата на бранителите е искршена и фрлена, а на мермерната спомен-плоча ѝ се губи секоја трага. Од Здружението на бранителите по којзнае кој пат реагираат на ваквите настани, кои редовно се случуваат кога се поставува спомен-обележје за загинатите бранители од 2001.
„После неколку денови од одбележувањето на овој грозоромен настан, констатиравме дека спомен-плочата ја нема, можеби е фрлена негде или негде е однесена. На местото каде беше плочата има расфрлано цвеќиња кои тогаш беа положени. Ова е болно. Повредени се чувствата на бранителите, на нивните родители и роднини, на македонскиот народ. Јас мислам дека институциите не си ја завршиле добро својата работа. Ние, по кој знае кој пат, поставуваме спомен-плоча и повторно ја снемува. Зборуваме за ‘Едно општество за сите’, но такво нешто не се случува на нашиве простори. Причините за ова треба да ги кажат политичките структури“, изјави Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.
При одбележувањето на 20-годишнитата од убиството на 8 бранители, Најдов упати апел до првиот вицепремиер на Владата Артан Груби да направи напори да оваа плоча остане на местото, како еден првичен гест на помирување.
„Откако ја упатив таа порака до вицепремиерот Артан Груби, досега никој не ми се јавил, но ова што во меѓувреме е направено кажува дека воопшто не е реагирано на ова што го бараме. Се надеваме дека надлежните служби овој пат ќе најдат сили да ги пронајдат и соодветно да ги санкционираат сторителите“, додава Најдов.
На 28 април 2001, попладнето патрола на македонските безбедносни сили падна во заседа поставена од припадници на УЧК. Нивните возила биле уништени со ракетни фрлачи, а телата на преживеаните биле запалени и живи изгорени. Тука беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и четворица полицајци при ОВР Битола. За овој злостор, кој е надвор од правилата на војувањето, беше побарано Хашкиот суд за воени злосторства да покрене обвинение, но барањето беше одбиено, за после припадниците на УЧК, а со тоа и тие што го направија овој злостор, да бидат амнестирани од македонското Собрание.
Во Тетовскиот Регион нема ниту едно достојно спомен-обележје на местата каде загинале бранителите од 2001. Во изминативе дваесет години поставени се десетици спомен-плочи во Вејце, на Карпалак, на Попова Шапка и на неколку други места, но тие за кратко беа кршени, уништувани или едностано отстранети од местото на поставувањето. Единствено спомен-полочата на Карпалак, откако повеќе пати беше кршена, последниве неколку години стои неоштетена.
Наспроти ова, во речиси сите села во Тетовскиот Регион каде е доминантно албанското население има изградено по еден или повеќе големи спомен обележја на загинатите припадници на УЧК. До сега не е забележан случај некој да предизвикал нивно општетување.
З. АНДОНОВ