УАПСЕНИ ДВАЈЦА СТРУМИЧАНИ И ДВАЈЦА ШТИПЈАНИ КОИ ГИ КРАДЕЛЕ ОЛОВНИТЕ ПЛОЧИ ОД ШТИПСКИОТ БЕЗИСТЕН

    УАПСЕНИ ДВАЈЦА СТРУМИЧАНИ И ДВАЈЦА ШТИПЈАНИ КОИ ГИ КРАДЕЛЕ ОЛОВНИТЕ ПЛОЧИ ОД ШТИПСКИОТ БЕЗИСТЕНВо шест кражби изминатава недела од штипскиот Безистен се украдени 33 оловни плочи од кровот, а сега се вратени 13. (Фото: СДК.МК)

    СВР Штип уапси двајца струмичани кои со помош на двајца штипјани ги краделе оловните плочи од штипскиот Безистен во центарот на градот, еден од најрепрезентативните објекти од културата. Во шест кражби за седум ноќи пред и по Нова година од штипскиот Безистен се украдени 33 оловни плочи кои служеле за заштита на дел од кровот, а вратени се само 13.

    „По преземени мерки, СВР Штип ги лиши од слобода А. А. (32) и Ќ. А. (32) од Струмица и Д. А. (28) и С. Н. (26) од Штип, поради основано сомнение дека се извршители на четири кривични дела тешка кражба од Уметничката галерија Безистен во Штип. Тие се сомничат дека со намера да се стекнат со противправна имотна корист, во јануари 2022 година со употреба на сила одзеле поголем број на предмети од овој објект на културата во Штип. Дел од одземените предмети се пронајдени и вратени на Националната установа Завод и Музеј во Штип“, соопшти портпаролката на СВР Штип Гордана Панајотова.

    Од Заводот и Музеј во Штип велат дека од 33 украдени оловни плочи вратените се само 13, и тоа оние кога бил фатен единствениот крадец на самото место на кражбата. Тогаш биле одземени и украдените предмети, додека останатите ги нема.

    „Вредните оловни плочи кои беа вековна заштита на дел од кровот на Безистенот сега по кражбата се оштетени, затоа што биле свиткани како ролна и испокинати на краевите кога се ваделе од држачите на кровот на Безистенот. Во каква состојба се и останатите и дали воопшто ќе бидат најдени не знаеме. Во секој случај, заедно со соодветното министерство ќе бараме начин како да се надомести штетата која е над 10.000 евра“, вели директорот на Штипскиот музеј Митко Штерјов.

    Штипскиот Безистен датира од периодот меѓу 16 и 17 век и во тоа време бил главна чаршија претежно за платна, а сега е галерија за изложби и други настани од културата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира