УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕМАЛА ПАРИ ДА ГО КУПИ АРАБАТИ БАБА-ТЕЌЕ, ПА ДОЗВОЛИЛА ДА БИДЕ ПРОДАДЕНО НА ИВЗ

    УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕМАЛА ПАРИ ДА ГО КУПИ АРАБАТИ БАБА-ТЕЌЕ, ПА ДОЗВОЛИЛА ДА БИДЕ ПРОДАДЕНО НА ИВЗВо февруари оваа година, ИВЗ јавно покажа катастарски лист на кој се гледа дека го купила комплексот Арабати баба-теќе од АД „Тетекс“ од Тетово кој повеќе децении стопанисуваше со него како угостителски објект. (Фото: СДК.МК)

    Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија го купила комплексот на Арабати баба-теќе во Тетово затоа што државата, односно Управата за заштита на културното наследство, иако имала приоритет во купувањето, немала пари да го купи па дала дозвола да биде продаден на приватно лице. Арабати баба-теќе, комплекс од верски објекти, е изграден како дервишко теќе во втората половина на 18 век од Реџеп паша и неговиот син Абдурахман паша, кои се спомнуваат и во врска со изградбата на Шарената џамија во Тетово, како и Тетовското кале. Се наоѓа на излезот од Тетово кон Гостивар, во подножјето на планината Шара.

    До конфликтот во 2001, со „Арабати баба-теќе“ управуваше текстилниот комбинат „Тетекс“, а овој угостителски објект беше еден од најдобрите и најпознати во Македонија. Во рамките на комплексот „Арабати баба-теќе“ до 2001 се наоѓаше и Музејот на тетовскиот крај, кој беше исфрлени од своите простории.

    „За објект во државата од овој вид, кој што оди на продажба, првин се бара мислење од Управата за заштита на културното наследство, дали ќе го искористи правото на првенство во купувањето. Тоа е регулирано согласно Законот за заштита на културно наследство. Управата, доколку има обезбедено средства во буџетот, се одлучува да го купи но, доколку нема пари, се откажува од правото на првенствено купување со тоа што го задолжува оној кој што ќе го купи објектот да постапува согласно Законот за заштита кој што предвидува одредени услови. Што се однесува до Арабати баба-теќе, од Општина Тетово побараа од Управата да биде продадено на одреден приватен стопанственик. Значи, Управата дава мислење дали ќе го искористи правото на првенствено купување или нема да го искористи. Тоа зависи од средствата кои што ги има обезбедено во буџетот. Во моментот Управата не била во состојба да го купи. Ние не можеме како држава, како Управа, да ги купиме сите вакви објекти“, изјави Весела Честоева, директорката на Управата за заштита на културно наследство.

    Во февруари оваа година, ИВЗ јавно покажа катастарски лист на кој се гледа дека го купила комплексот Арабати баба-теќе во Тетово. Тогаш не се знаеше од кого го купила, но сега се обзнани дека продавачот бил АД „Тетекс“ од Тетово кој повеќе децении стопанисуваше со Арабати баба-теќе како угостителски објект. Во оваа купопродажна трансакција ИВЗ платила данок на промет во висина од 1.444.484 денари или околу 23.500 евра. Морала да платат данок на промет бидејќи комплексот ѝ бил продаден како угостителски објект. Според една груба проценка, а врз основа висината на платениот данок на промет, теќето е продадено за околу 770.000 евра.

    Муфтиството на ИВЗ од Тетово со барање побара од Општина Тетово да му се направи поврат на платениот данок.

    „Имајќи го во предвид фактот дека износот платен од страна на Исламската верска заедница на РСМ за откуп на делови од комплексот Арабати од компанијата ‘Тетекс’ е висок, што резултираше со плаќање на значителни даночни износи кон вашата институција, Муфтиството на ИВЗ Тетово бара од вас да овозможите поврат на данокот на промет платен при купопродажбата на овој верски споменик“, стоеше во барањето на ИВЗ.

    Барањето на ИВЗ беше прифатено на мнозинството од советниците во Советот на Општината Тетово на почетокот на месецов.

    Иако ИВЗ купила дел од Арабати баба-теќе, за овој културно-историски објект таа води спор со Бектешката заедница на Македонија. Бектешите велат дека овој објект, изграден уште во 1538 година, е нивни и е узурпиран од ИВЗ. Тие сега користат само еден, сосема мал дел од комплексот. ИВЗ влезе во Арабати баба-теќе веднаш по завршувањето на конфликтот од 2001 година.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира