Градоначалничката Данела Арсовска денеска го назначи Александар Јовановски за нов в. д. директор на ЈП „Комунална хигиена“. Јовановски е вработен во Град Скопје како инспектор во Секторот за инспекторат, а претходно искуство има и во Секторот за локален економски развој.
Досегашниот директор Сабахадин Рустеми, кој е во притвор за несобирањето на ѓубрето во Скопје, вчера си поднесе оставка од функцијата.
Од Градот велат дека Јовановски има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружение за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти.
Управниот одбор на „Комунална хигиена“ утрово побара од градоначалничката Данела Арсовска итно да назначи в. д. директор на претпријатието. Велат дека во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в. д. директор.
„Согласно член 24, став 2, член 23 став 3 од Законот за јавните претпријатија и член 40 од Статутот на ЈП ‘Комунална хигиена‘ исклучиво вие како градоначалник на Градот Скопје имате ингеренции да именувате в. д. директор на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, имајќи во вид дека состојбата во претпријатието итно го налага тоа. Би сакале да ве потсетиме и дека во текот на изминатите четири години токму вие именувавте пет в. д. директори и разрешивте четири од нив“, се вели во соопштението од Управниот одбор на „Комунална хигиена’.
Ако во најкус можен рок не се назначи в. д. директор, од Управниот одбор велат дека Арсовска ќе биде одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје.
Арсовска вчера го повика Управниот одбор на претпријатието да назначи нов в. д. директор. Таа исто така го повика премиерот Христијан Мицкоски да предложи свој кадар за директор, бидејќи Управниот одбор како што вели, изминативе 4 години бил раководен од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
- ЗА ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ МВР ТРЕБА ДА ВЛЕЗЕ КАЈ ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ОТИ НЕ ГО РАЗРЕШИ УПРАВНИОТ ОДБОР НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА‘ СО КАДРИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ АРСОВСКА
- СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО
- РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТО
А. АНТЕВСКА

 
                                     
                                    

