Општина Центар ги урна бараки кои се наоѓаат кај паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“. Бараките се урнати оти земјиштето на кое се наоѓаат е приватна сопственост и сопственикот побарал да бидат отстранети заради оформување на парцелата.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека на сопственикот на земјиштето не му е дадена дозвола за градба оти на сила уште е мораториумот за градба на територијата на општината.
„Во моментов се врши ревизијата на Деталните урбанистички планови, меѓу кои и планот за овој дел. Нема да се градат 60 катници, планот кога ќе биде готов ќе биде ставен на јавна анкета и граѓаните преку забелешките ќе одредат што ќе се гради на тој простор“, вели Богдановиќ.
Во август директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Кристијан Трајковски, изјави дека во наредниот период со јавно-приватно партнерство планираат изградба на повеќе станбени и деловни објекти меѓу кои и висококатниците во центарот на градот.
„На паркингот кај ’Холидеј ин‘ со ДУП-от се предвидени три 60-катници за кои сметам дека се идеална локација за современ бизнис центар, што му е потребен на Скопје“, рече Трајковски.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, по ваквите изјави на Трајковски одговори дека 60-катниците нема да се градат бидејќи тој Детален урбанистички план во моментов како и останатите планови е под мораториум, односно се вршат измени со кои ќе биде намалена катноста на објектите кои се предвидени на тој простор.
А. АНТЕВСКА