Починаа уште двајца болни од ковид-19 на Инфективното одделение, соопшти Велешката болница. Пациентите починале вчера попладне и ноќеска околу полноќ.
„Вчера околу 17 часот почината е жена на 61-годишна возраст, која претходно е лекувана на Интерното одделение. На Инфективното одделение била на кислородна поддршка. Околу полноќ почина и маж на 62-годишна возраст, кој неколку часа претходно бил донесен на Инфективното одделение во тешка здравствена состојба“, кажа д-р Весна Николовска-Неделкова, портпаролката на Велешката болница.
Со ова, во Велешко од коронавирусот вкупно починаа 25 лица, од кои деветмина починаа последните пет дена.
На Инфективното одделение заклучно до синоќа до 20 часот има хоспитализирано 39 пациенти, 29 се потврдено позитивни, а десет се сомнителни на ковид-19, 18 од пациентите се на кислородна поддршка. Денес до пладне во Центарот за јавно здравје има потврда за нови 13 позитивни случаи со ковид-19. Деновие во Велешко има случај на воспитувачка од градинка и свештено лице кои се позитивни на коронавирус.
„Само тројца од досега регистрираните случаи кажаа од кого се заразени, останатите не знаат. Што се однесува до воспитувачката, таа претходно една седмица не одела на работа и нема да има деца од градинка во изолација. Ова е втор случај на свештеник од Велешко кој е позитивен, тие не посочуваат дали имале контакт со верници “, велат од Центарот за јавно здравје Велес.
П. ПЕЧКОВ