Велешкиот градоначалник Аце Коцевски најави ново продолжување на рокот на изградба на покриениот градски пазар, на неговиот горен дел, десетина дена пред 15 септември, до кога беше продолжен рокот за завршување.
„Имавме тензичен разговор со изведувачот на градежните работи од горниот дел на пазарот. По ветувањето дека ќе стасаат до 15 септември, добив впечаток дека нема да стасаат, доцнат со изведбата. Затоа ќе ги преземеме сите заштитни механизми да платат казни, за непочитување на договорот. При крај се работите, но ќе има ново доцнење. Од тие причини не можеме да чекаме да се заврши горниот дел, па да продолжиме со градежните работи на долниот дел од пазарот“, кажа Коцевски на прес-конференција.
Покривањето на горниот дел од Градскиот пазар го изведува фирмата „Бауер БГ“ од Скопје, а вредноста на градежните работите е 34 милиони денари. Изведувачот на градежните работи на долниот дел од пазарот, избран на тендер е „БВ инженеринг“ од Битола.
„Од Светска банка ни вршат притисок, да го внесеме изведувачот на работите на долниот дел, кој се работи со кредитот земен од нив. Договорено е со директорот на ЈКП Дервен, тезгите следната среда и четврток да ги префрлат покрај Вардар и да се најде алтернативно решение за продавачите на јајца и сирење, за од следниот петок изведувачот биде воведен во работа на долниот дел од пазарот и челичната конструкција да биде монтирана до Нова година“, рече Коцевски.
При поставувањето на камен-темелникот и почнувањето на градежните работи за покривање на долниот дел од пазарот на 4 април, беше речено дека работите ќе траат четири месеци. Тој рок мина на 4 август.
П. ПЕЧКОВ