УШТЕ НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ ОТШТЕТИТЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО БИТОЛА ПРЕД ЕДНА ГОДИНА

    УШТЕ НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ ОТШТЕТИТЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО БИТОЛА ПРЕД ЕДНА ГОДИНАПоднесени се 2.677 барања од битолчани и жители од околните села до Општина Битола за надомест на штета од земјотресот на 9 јануари. (Фото: СДК.МК)

    Уште не добиле отштета битолчаните чии објекти беа оштетени за време на земјотресот на 9 јануари годинава. За нешто повеќе од еден месец ќе мине една година откако Битола беше зафатена со серија земјотреси, од кои најсилниот со магнитуда од 5,6 степени, кои имаа епицентар во близина на грчка граница на 5 км североисточно од Лерин, а беа почувствувани и во Битола. Земјотресите предизвикаа материјални штети врз куќи, згради и други објекти, болницата и градинките со пукање на тавани и ѕидови, испаднати ќерамиди.

    Поднесени се 2.677 барања од битолчани и жители од околните села до Општина Битола за надомест на штета од земјотресот.

    „Од земјотресот ни испукаа ѕидовите во куќата. Подолго време чекавме да се направи проценка за да може да земеме оштета, иако куќата ни беше во таква состојба. Сега ќе помине една година од земјотресот, а пари на сметка уште не ни легнале“, рече Никола Стојановски од Битола.

    Од Општина Битола велат дека во врска со барањата за проценка на штети од земјотресот, Општината постапи во законски предвидениот рок.

    „Формираните комисии излегоа на терен и се во завршна фаза на работа на проценките. Извештајот за извршените проценки ќе биде доставен до Советот на Општина Битола, кој на седницата во декември треба да донесе заклучок кој ќе биде испратен до Владата. Понатамошната динамика на исплата на средствата ќе биде одредена од страна на соодветните тела при Владата“, соопштија од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира