Стручни тимови и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се на терен во Гостивар и околината, за да да се види како е организиран делот на опслужување на храна во смисла на ресторани, сендвичарници, кафулерија, преработувачката индустрија, кажа денеска директорот Оливер Миланов на прес-конференција во Владата. Тој додаде дека донесената забрана за користење на водата од гостиварскиот водовод, за пиење и за подготвување храна, останува во сила сѐ додека со лабораториски анализи не се потврди нејзината безбедност.
Основното јавно обвинителство Гостивар синоќа донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење, откако на 17 јули водата во градот беше забранета за пиење и друга употреба, а од 18 јули е прогласена епидемија. Осомничените соизвршители: Артана Асани како в. д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини, технички раководител на Сектор за технички работи, и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши, со штетна материја ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје извршил анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал, при што е констатирано дека водата е силно загадена оти има околу 48 пати повеќе колиформни бактерии од максимално дозволеното.
„Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем. Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување“, соопшти Гостиварското обвинителство детали за водата која гостиварчани ја пиеле цели 22 дена.
Миланов апелираше до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и локалните власти во однос на користењето на водата за пиење, сѐ до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосното нормализирање на состојбата. Тој кажа дека мостри од вода се земаат еднаш месечно од осум мерни места. Последниот пат, Агенцијата за храна и ветеринарство има добиено резултат од Центарот за јавно здравје Гостивар на 13 јули и водата била безбедна.
Миланов рече дека според утврденото, во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, се поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем.
На новинарско прашање за тоа дека процесот на обезбедување на техничка вода вода е доста сложен и како ќе функционираат рестораните, градинките, болниците, Миланов рече дека секој ден ден, 24/7 нивни екипи се во градот и доколку се утврди дека оние кои не обезбедиле техничка вода согласно условите кои се дадени согласно Правилникот за квалитетот на водата за пиење, ќе бидат казнувани согласно прекршочните санкции кои се во Законот за прекршоци.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера кажа дека досега се регистрирани 3.150 здравствени контакти со затруената вода од градскиот водовод во Гостивар. Четири лица беа хоспитализирани, но веќе се пуштени на домашно лекување. Министерството за здравство вчера попладне соопшти дека се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит, односно пациенти кои првпат побарале лекарска помош.
Кумулативно, во Општа болница Гостивар се евидентирани 1.554 пациенти, а во Здравствен дом Гостивар 1.392 пациенти. Четирите лица, кои биле хоспитализирани, пуштени се на домашно лекување. Досега се доставени 140 формални пријави, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје, и се спроведени 81 епидемиолошка анкета.
Б. НЕСТОРОСКА



