УСЛОВНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ДВАЈЦАТА ВЕЛЕШКИ ГИНЕКОЛОЗИ ОБВИНЕТИ ЗА СМРТТА НА НОВОРОДЕНЧЕ ВО 2015

    УСЛОВНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ДВАЈЦАТА ВЕЛЕШКИ ГИНЕКОЛОЗИ ОБВИНЕТИ ЗА СМРТТА НА НОВОРОДЕНЧЕ ВО 2015Трагичниот настан се случи во велешката болница на 14 август 2015 (Фото: СДК.МК)

    Ристо Гашев и Аристотел Тренчев од Велес, гинеколози при ЈЗУ Општа болница Велес, со првостепена пресуда на Основен суд Велес се прогласени за виновни за кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето. Нив обвинителството ги товареше за смртта на бебе при породувањето на родилката О.А.

    Настанот се случи во велешката болница на 14 август 2015. Бебето починало откако при неколкучасовното породување заглавило при излезот, оти имало диспропорција на главата со родилните патишта, што претходно не било утврдено.

    Судијката Валентина Ѓоргиевска им изрече условна казна затвор на двајцата лекари: д-р Гашев доби шест месеци ако во следните две години стори ново кривично дело, а д-р Тренчев три месеци затвор ако во период од една година стори ново кривично дело. Судот врз основа на вештачењето на стручните лица констатираше дека при укажувањето на лекарска помош, обвинетите постапувале несовесно и со тоа предизвикале смрт на новороденчето.

    Како што пишува во пресудата, обвинетите несоодветно ги толкувале ЦТГ записите и иако постоеле сигурни показатели дека породувањето не напредувало со часови поради неспуштање на плодот, тие не пристапиле кон оперативно завршување на породувањето, со кое бебето би било спасено со голема сигурност.

    Судскиот процес траеше три години и за тоа време се сменија тројца судии.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира