УСТАВЕН СУД ОДЛУЧИ ДА НЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ЗА 31 ЗГРАДА КОЈ ГО ОСПОРИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА

    УСТАВЕН СУД ОДЛУЧИ ДА НЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ЗА 31 ЗГРАДА КОЈ ГО ОСПОРИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКАСо планот се предвидува една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за уставноста на Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16, кој Општина Ѓорче Петров го донесе на 15 февруари 2024 на вонредна седница. Иницијативата за оценување на уставноста на ДУП-от ја поднесе градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

    Со планот се предвидува една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката. Зградите ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош.

    Уставните судии едногласно одлучија дека со планот нема повреда на Законот за локална самоуправа и Законот за урбанистичко планирање.

    Во иницијативата која ја поднесе Арсовска се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека истата стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓудругото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страницата на Општината што ја прави формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање. Според подносителот на иницијативата, донесениот ДУП поради непочитување на законската постапка и неприфаќањето на мислењата од стручните лица, како и без позитивно мислење од Град Скопје не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 при што реализација на истиот може да предизвика еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје.

    Оспорениот ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров има промена на намена и регулација со што не е во согласност со процедурите и законите и предвидува изградба на 2% повеќе од максимално дозволеното со закон. Оттука, подносителот смета дека со предимензионирањето на висините на градбите и додавање на производни капацитети од хемиската индустрија загрозена е една од темелните вредности на Уставот – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата“, се вели во иницијативата поднесена од Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира