ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ НА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА ДОНЕСЕ ПЛАН ЗА ГРАДЕЊЕ 31 ЗГРАДА ЗА 7.000 ЖИТЕЛИ И ИНДУСТРИСКИ КАПАЦИТЕТИ СПРОТИ ПАЗАРОТ

    ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ НА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА ДОНЕСЕ ПЛАН ЗА ГРАДЕЊЕ 31 ЗГРАДА ЗА 7.000 ЖИТЕЛИ И ИНДУСТРИСКИ КАПАЦИТЕТИ СПРОТИ ПАЗАРОТДУП-от е во спротивност со ГУП-от. Генералниот план дозволува 3.750 максимален број на жители, а ДУП-от предвидува 7.244. (Фото: Фејсбук)

    Спроти пазарот во населбата Ѓорче Петров ќе се гради 31 зграда, а највисоката ќе биде на 21 кат. Овие нови згради за над 7.000 нови жители се предвидени со Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16, кој Општина Ѓорче Петров го донесе на 15 февруари на вонредна седница.

    Со планот се предвидува една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката. Зградите ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош.

    Како што велат од граѓанската иницијатива О2, за згради предвидена е вкупно изградена површина од 214 илјади метри квадратни, за големи трговски единици планирани се скоро 93 илјади метри квадратни, а скоро 64 илјади метри квадратни се предвидени за намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија. ДУП-от како што велат од О2, е во спротивност на Генералниот урбанистички план (ГУП).

    ГУП-от предвидува 3.750 максимален број на жители, а ДУП-от 7.244. Со ГУП-от максимално дозволена нето густина на населеност од 335 жители на хектар, додека со овој ДУП е 648 жители на хектар. Целиот опфат на ДУП-от е во втора заштитна зона на бунарското подрачје Нерези-Лепенец, каде меѓу другото е забранета изградба на нови индустриски комплекси кои во технолошките процеси користат опасни и штетни материи. Забранета е изградба на лесна индустрија, на згради и сè што може да ги загади подземните води, освен ако стручна експертиза докаже дека нема да има штетно влијание врз подземните води, со посебни услови, строги мерки на заштита. Наместо да се дислоцира постоечката индустрија во овој дел, да нема градби, да се заштити просторот, се планира и нова индустрија и еден тон згради“, велат од граѓанската иницијатива О2.

    За ДУП-от одобрение дало и Министерство за животна средина и просторно планирање. Како што велат од О2, заменичката-министерка од ДОМ Христина Оџаклиеска го потпишува одобрението.

    Првата јавна анкета за овој ДУП е во ноември 2020, кога градоначалник е Александар Наумоски од СДСМ. Потоа повторна има во ек на годишните одмори во август 2021, па веднаш потоа уште една во септември 2021, пред локалните избори, но ДУП-от не успева да го донесе пред да си замине. Последната, четврта јавна анкета е крај на ноември и почеток на декември 2022, кога градоначалник е сегашниот Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

    За ДУП-от и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се залагаа да се донесе. Додека беа во опозиција ВМРО-ДПМНЕ беа против носење на ДУП-от, против бетонизација, а сега си го изгласаа без око да им трепне на вонредна седница. СДСМ тогаш беа за носење на ДУП-от, а сега не знаеме како гласале“, додаваат од О2.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира