УСТАВНИОТ СУД УТРЕ ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА УСТАВНОСТА НА СУСПЕНДИРАНИОТ ДУП ВО КУМАНОВО

    УСТАВНИОТ СУД УТРЕ ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА УСТАВНОСТА НА СУСПЕНДИРАНИОТ ДУП ВО КУМАНОВОДве градежните фирми од Куманово водат судска постапка против Димитриевски за злоупотреба на службена положба. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд утре ќе одлучува по иницијативата за оценување на уставноста на одлуката на Советот на Општина Куманово да ја суспендира примената на Деталниот урбанистички план (ДУП) на Урбан блок 44, плански опфат меѓу бул. Трета МУБ, ул. Перо Чичо, ул. Прва петолетка и ул. Миле Кипра“ во близина на т. н. Школска амбуланта во Куманово.

    Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение бр. 93/2023 од 14 февруари 2024 поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука. Судот смета дека има отстапки во постапката за донесување на оспорената одлука, која води кон повреда на начелото на владеење на правото, поради што основано може да се изрази сомневање во согласноста на оспорената одлука со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот“, соопштуваат денеска од Уставен.

    Суспензијата на ДУП-от беше донесена во јуни 2023 од советниците на мнозинството во Советот на Општина Куманово, од партиите ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, под изговор дека е загрозен јавниот интерес, иако само 18 месеци пред тоа, на 28 декември 2021, ДУП-от беше изгласан од истите членови без никакви забелешки. Советниците од коалицијата на СДСМ обвинија дека градоначалникот Максим Димитриевски се пресметува со инвеститорите на штета на општината и граѓаните.

    Иницијативата до Уставниот суд ја поднесоа сопствениците на градежните фирми „УПМ-ГРУП“ и „ХРОМАК Емил“ од Куманово, кои водат судска постапка против Димитриевски за злоупотреба на службена положба. Тие велат дека штетата во оваа и во други постапки со кои се попречува градењето зграда поради суспензијата на ДУП-от е околу два милиона евра, што ќе го платат граѓаните.

    Според обвинението, градоначалникот од април 2023 не ја извршува својата службена должност и не ги потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште, иако биле исполнети сите законски услови и добиле потврда од надлежните органи. Со тоа Максим Димитриевски сторил едно кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

    Димитриевски денеска бил повикан на распит во ОЈО за неизвршување на судска одлука.

    Сопствениците на засегнатите компании го повикаа Димитриевски да ги почитува одлуките на надлежните институции и на повисоките судови и да не се става над законот.

    На дневен ред на утрешната 12. седница на Уставниот суд се предвидени 14 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и пет предлози за одлучување со нацрт-одлуки.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира