УТРЕ ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА МОСТОТ ВО БИТОЛА, ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА МАЈ, ВЕЛИ ОПШТИНАТА

    УТРЕ ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА МОСТОТ ВО БИТОЛА, ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА МАЈ, ВЕЛИ ОПШТИНАТАМостот е затворен од ноември лани. (Фото: СДК.МК)

    Утре започнува реконструкцијата на мостот над реката Драгор кај битолскиот Безистен, кој е еден од најфреквентните, а не е во функција од ноември минатата година поради сериозно оштетување на носачите.
    Од Општина Битола соопштија дека после четири месеци од почетокот на долгите административни процедури поминати низ државните институции, ја обезбедиле потребната документација за реконструкција на мостот.

    Според нив, последната потврда од Министерството за транспорт и врски ја добиле вчера и од утре почнуваат со работа. Во изминатиот период на критиките на советници од локалната власт упатени до министерствата, дека предолго се чека за да ги добијат согласностите и дека на тој начин се прават опструкции, од таму беше одговарано дека документацијата не им е целосна.

    Од Општината предвидуваат дека во 20 работни дена ќе завршат сите градежни активности, по што ќе следува период за постигнување на потребната цврстина на бетонот од 28 дена, пробно товарење на мостот и пуштање во употреба. Со ваквата динамика, Општината планира да ги заврши сите активности до крајот на мај.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира