ДВЕ НЕДЕЛИ ПО ОДРОНОТ, УТРЕ ТРЕБА ДА ПОЧНЕ МИНИРАЊЕТО НА ПАДНАТИТЕ КАРПИ БЛИЗУ ВЕЛЕС

    ДВЕ НЕДЕЛИ ПО ОДРОНОТ, УТРЕ ТРЕБА ДА ПОЧНЕ МИНИРАЊЕТО НА ПАДНАТИТЕ КАРПИ БЛИЗУ ВЕЛЕСДури по минирањето ќе се започне со расчистување на регионалниот пат Велес-Градско кој е во прекин од 13 март. (Фото: СДК.МК)

    Минирањето на паднатите карпи на излезот од Велес можеби ќе почне утре, ако се добијат неопходните дозволи од СВР Велес и од Македонски железници.

    За да не се направат поголеми штети, ќе се изведе т.н. тивко минирање, кое било најсоодветно за вакви случаи. Дури потоа ќе започне расчистувањето на одронот на камењата, кој го блокира сообраќајот на регионалниот пат Велес-Градско. Ова го најави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Витанов.

    „Не е така едноставно и лесно да се изврши расчистување на така големи камени блокови. Се направи проект што и каде треба да се минира, за да се избегне во следен период да паѓаат нови карпи. ‘Гранит‘ треба да минира, но пред тоа, потребно е да се обезебдат сите потребни одобренија од надлежните. Ова не е процес кој може да се сработи за еден или неколку дена. Безбедноста на луѓето кои ќе работат таму е најважна“, изјави Витанов.

    Дури по минирањето ќе се започне со расчистување на патот, кој е блокиран од 13 март. Тоа ќе го работат заеднички „Гранит“ и „Македонија пат“, бидејќи била потребна соодветна механизација, која и јавното претпријатие ја немало.

    „Не мислам да испраќам работници да расчистуваат додека не се минираат карпите и не е безбедно. Таму може работник да настрада и затоа по ниту една цена нема да се работи додека не заврши минирањето“, изјави Гајур Кадриу, директор на ЈП „Македонија пат“.

    Бидејќи одронот на карпите, од кои најголемата е тешка 25 тони, е на регионалниот пат Велес-Градско, кој е во надлежост на државата, во решавањето на овој проблем се вклучени јавни претпријатија. ЈП „Македонски железници Инфраструктура“ за помалку од 40 часа го отстрани одронот од пругата, оти за секое задоцнување на стоката која тие ја испорачуваат треба да плаќаат парична казна.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира