ВАЛАНДОВЦИ ЌЕ СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ

    ВАЛАНДОВЦИ ЌЕ СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИКОТ КАЗАНДОЛРудникот за катоден бакар Казандол се гради на километар од градот, а граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, бара да се стопира изградбата и жителите да се изјаснат на референдум. (Фото: СДК.МК)

    Валандовци најавуваат дека ќе почнат акција за собирање потписи за да се распише референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за или против изградба на рудникот за катоден бакар Казандол. Оваа иницијатива, како што велат од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, од вторник ќе ја покренат, откако Советот на Општина Валандово, на минатонеделната вонредна седница ја отфрли иницијативата на гражаните за распишување референдум.

    „Советот на Општина Валандово со седум гласа за и осум воздржани ја отфрли нашата иницијатива да се распише референдум. Но, не се откажуваме, ќе почнеме граѓанска иницијатива да собереме потписи за да се распише референдум. Треба да собереме 2.010 потписи за да може да се распише референдум и се надеваме дека така ќе спречиме да се отвори рудник на километар воздушна линија од градот“, велат од „Спас за Валандово“.

    Валандовци велат дека сè уште формално не ја почнале постапката, односно дека првично треба да соберат 100 потписи, кои треба да ги достават до Советот на Општина Валандово, кој треба да ја оддобри нивната иницијатива, а потоа постапката да ја почнат во Министерството за правда.

    „Неопходно е граѓаните да го кажат своето мислење, и да го дадат својот глас, за или против отворање на рудник или каков било вид на тешка индустрија во општината. Сведоци сме колку погрешните политики можат да бидат штетни за населението, особено по малите места. Отворањето рударски комплекс ќе биде погубно за иднината на Валандово“, велат членовите на иницијативата.

    Според нив иако постапката за давање концесија за експлоатација на минералните суровини од Казандол е завршена и дозвола е веќе дадена на инвеститор, има простор да се чуе ставот на граѓаните и да се променат работите.

    „Стравуваме дека рудникот ќе влијае негативно и врз здравјето на луѓето и врз земјоделските производи, иако инвеститорот Сардич уверува дека ќе ги применат најмодерните еколошки стандарди за заштита. Во самата студија за оценка на влијанието врз животната средина стои дека во кругот на рудникот ќе има езера со вода во која е разредена сулфурната киселина, а таа ќе испшарува во воздухот. Сè тоа тоа ќе се слушува на еден километар од градот“, вели роберт Марков од иницијативата „Спас за Валандово“.

    Концесијата за експлоатација на минерални суровини во Казандол, компанијата „Сардич МЦ Дооел“ од Скопје, зад која стои англиско-украински капитал, ја доби во февруари 2015 година, а гредежните работи почнаа лани во август.

    Од Компанијата тврдат дека до крајот на годината ќе завршат градежните работи и рудникот ќе почне со работа. Пред десетина дена од компанијата концесионер рекоа дека нема да ја загадува животната средина, оти се преземени сите еколошки мерки. Концесионерот со геолошките истражувања во казандол утврдил дека има 33 милиони тони руда.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира