Историскиот Музеј на револуционерната борба за Штип и Штипско (1893-1934), отворен во декември 2014, располага со 12 восочни фигури меѓу кои и на Иван Ванчо Михајлов и Тодор Александров, но просториите во кои се наоѓаат овие восочни фигури од неодамна се под клуч. Од управата на Музејот велат дека тоа е само од технички и хигиенски причини, односно времено, поради тоа што пред десетина дена била извршена комплетна дезинфекција на просториите во кои се поставени нивните восочни фигури, предметите во нив и на нивната облека.
По денешното проветрување на просториите, Музејот ќе ги отвори сите простории за посетителите, најави Емилија Коруновска, кустос, советник-историчар во НУ Завод и Музеј Штип.
Музејот се наоѓа во штипско Ново Село во близина на куќите каде што биле родени Ванчо Михајлов и Тодор Александров, кои станаа повторно актуелни откако викендов во Битола беше отворен културен клуб „Ванчо Михајлов“ во присуство на бугарскиот државен врв.
„Во Музејот на револуционерната борба во Штипско Ново село како експонати се наоѓаат восочни фигури на членови на организацијата ВМРО без разлика на нивната позитивна или негативна активност во тоа време, што како историја е факт“, вели кустосот Коруновска.
Во музејот покрај фигурите се ставени и информатицни табли со биографија на секоја од личностите што се изложени.
„Во 1922 година е назначен за личен секретар на Тодор Александров. По неговото убиство Михајлов станува член на ЦК на ВМРО. Го застапувал терористичкиот метод на борба. По расцепот на организацијата ја предводел михајловистичка ВМРО која дејствувала како посебна организација се до 1934 година, кога по забраната ја напушта Бугарија и преку Турција заминал во западноевропските држави. За време на Втората светска војна соработувал со Анте Павелиќ и усташкото движење во Хрватска. По војната живеел во Рим до крајот на својот живот кога во 1990 година умира на 94 години“, пишува во биографијата за Иван Михајлов.
„Во просторијата каде е восочната фигура на Иван Михајлов се наоѓаат и фигурите на Владислав Ковачев и Панчо Михајлов и не се роднини, Тодор Александров е со Мише Развигоров, Гоце Делчев е со Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов е со Даме Груев, Дончо Штипјанчето е со Тодор Лазаров и Баба Ванѓа, но не знам од кои причини се најде и оваа восочна фигура која пред неколку години беше донесена од Скопје. Во Музејот има восочна фигура и на Цар Борис но не е експонат, туку стои во подрумските простории на Музејот. Автори на поставките се историчарите, Зоран Тодоровски, Виолета Ачкоска и Никола Жежов“, вели кустосот Коруновска.
Т. ЈОВАНОВСКИ