Наглото топење на снегот го подигна нивото на водата во реката Вардар и предизвика излевање на повеќе места во Полог. Најкритична е состојбата во село Раотинце во Општина Јегуновце. Надојдениот Вардар поплави неколку куќи, водата се излеа и на локални патишта, а во одделни реони под вода се над 80 отсто од обработливото земјиште. Долго најавуваната и сѐ уште не реализирана регулација на реката Вардар во овој регион и овој пат е причина населението да претрпи огромни штети.
„Секој пат кога ќе надојде водата ми ја поплавува оваа нива и уште неколку други околу неа. Штетата е голема бидејќи и кога ќе се повлече водата од оваа нива нема ништо да бидне поради калта што ја донела водата. Сега треба да поминат најмалку два месеци за да може трактор да влезе во нивата и оваа година за мене е загубена. Со години наназад се најавува дека ќе се регулира коритото на Врадар во Раотинце, но ништо од тоа и изгубив надеж дека некогаш ќе се направи. Виновни се и луѓето кои градат куќи до реката. Порано коритото на Вардар беше 25 метри широко, сега нема ни 10 метри“ вели Трпко Масовски од Раотинце.
Куќата на Душко Матовски се наоѓа на десетина метри од реката и при секоја поплава таа е прва на удар на надојдената вода.
„Со секоја поплава мојата куќа е прва на удар. Така е и сега, поплавен е дворот, нивите, пластениците, овоштарникот. А ова може многу лесно да се реши, треба само да се направи еден потпорен ѕид и селото ќе ги нема овие проблеми кои речиси секоја година се повторуваат“ Душко Матовски.
Слична е состојбата и во соседното село Копанце. И овде излеаниот Вардар поплави големи површини обработливо земјиште.
„Овој пат нема навлезено вода во куќите но затоа пак има направено голема штета на есенската пченица. Овие поплавени ниви се сосем уништени. Калта исто така ќе создаде големи проблеми и најверојатно ќе касни пролетната сеидба“ се жали Адили Сервет од Копанце.
Најкритично во село Раотинце било ноќеска кога реката брзо надошла и ги поплавила околните куќи кои се најблиску до речното корито. Во текот на денот висината на водата се стабилизира но и понатаму е висока и постои опасност од нови излевања.
„Во Раотинце водата навлезе во неколку куќи, поплавени се поголеми површини со обработливо земјиште а водата на неколку неста се излеа по локаните патишта кои водат до околните села. Ангажираме и механизација да интервенира на најкритичните места. Засега во прилог ни иде тоа што не врне и што е запрена работата на мавровските хидроцентрали а со тоа и не се испуштаат дополнителни количини вода во и онака надојдениот Вардар“ изјави Горан Китановски од Месната заедница на село Раотинце.
Од општина Јегуновце заедно со ЦУК се излезени на треренот и интервенираат таму каде што има потреба. За наредните денови, ако дојде до повлекување на водата, очекуваат комисија да излезе на теренот и да направи проценка на настатите штети.
Според ЦУК од информациите добиени од теренот, поплави се регистрирани во општините Јегуновце, Брвеница и Боговиње и тоа кај селата: Копанце, Раотинце, Јегуновце, Туденце, Стримница, Теново а кај Ново Село има лизгалиште на земјата.
З.АНДОНОВ