ВЕЛЕС ЌЕ ИЗГУБЕШЕ МИЛИОН ЕВРА ОД ЕУ АКО ВО ПРОЕКТОТ НЕМАШЕ И ПАТ ДО ВИНАРИЈАТА „ШАТО СОПОТ“ ЗА РАЗВОЈ НА ЛОКАЛЕН ТУРИЗАМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЦЕВСКИ

    ВЕЛЕС ЌЕ ИЗГУБЕШЕ МИЛИОН ЕВРА ОД ЕУ АКО ВО ПРОЕКТОТ НЕМАШЕ И ПАТ ДО ВИНАРИЈАТА „ШАТО СОПОТ“ ЗА РАЗВОЈ НА ЛОКАЛЕН ТУРИЗАМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЦЕВСКИСо пари од неповратниот грант се асфалтираше пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“ од кој еден крак води до селото, близу наплатната рампа Сопот на автопатот Скопје-Велес, во должина од 726 метри, со широчина од 3-3,5 метри и вредност од 70 илјади евра. (Фото СДК.МК)

    Градоначалникот на Велес Аце Коцевски рече дека Општината ќе загубела милион евра, грант од ЕУ и Светска банка, ако во проектот не беше предвидено развој на локален туризам, одговарајќи на прашањата зошто со пари од странски проект се гради пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“, близу наплатната рампа Сопот на автопатот Скопје-Велес. Се асфалтираше пат во должина од 726 метри, со широчина од 3-3,5 метри и вредност од 70 илјади евра.

    „Ако не беше во проектот вметнато асфалтирање на приодниот пат до винаријата за развој на локалниот туризам, немаше да го добиеме грантот. Немаше да ги добиеме овие еден милион евра. Згора на тоа, еден дел од патот води и до винаријата и кон селото Сопот. Зошто да ги изгубевме овие средства за кои немаме обврска за враќање? Во продолжение со истиот проект го градиме и патот кон селото. Кракот кој води до винаријата е прифатен од ЕУ и Светска банка, тоа не е надвор од проектот. Тоа ќе овозможи транзитните туристи да идат како гости и оставаат дел од девизите. Никаде не беше забрането ЕУ да поддржува, да се работи на пристап до приватни објекти доколку тоа води до развој на туризмот“, рече Коцевски.

    Проектот, со кој меѓу другото се асфалтираше овој пат, е наменет за подобрување на туристичките потенцијали во општината и е вреден еден милион евра, а Општина Велес учествува со 10 отсто од вредноста. Со него се градат 18 различни содржини во околината на Езеро Младост, меѓу нив и велосипедска патека во должина 17 км, пешачка патека, забавен парк за деца, еко камп од 1.500 квадратни метри, детски атрактивен парк за авантури, осветлување и пејсажно и хортикултурно уредување на крајбрежјето, платформа за набљудување на птици, киоск за продажба на локални производи, информативни билборди.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари