ВЕЛЕС НЕ ДОБИ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ОД СЕЗОНСКИ ГРИП ОВАА СЕДМИЦА

    ВЕЛЕС НЕ ДОБИ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ОД СЕЗОНСКИ ГРИП ОВАА СЕДМИЦАОд велешкиот Здравствен дом велат можеби ќе има термини до средината на неделава. (Фото: СДК.МК)

    Во петокот попладне, за пациенти од Велес немаше добиени слободен Мој термин за бесплатно вакцинирање од сезонски грип. За ова реагираат пациентите од градот, од ранливите категории, кои кога денес побарале информација од нивните доктори, им било кажано дека термини нема, нема ниту вакцина.

    „Немаше термини за вакцинирање. Дали нема вакцина, дали пак целата на вакцинацијата е промашена, оти досега како доктор не помнам во декември да се вршела вакцинација, немам информација. Пациентите се гневни, се закануваат дека ќе се испишат, ќе одат кај друг доктор, а не е до нас. Календарот за вакцинација за сезонски грип, предвидуваа тоа да се прави во октомври. Ако за една вакцина треба да мине еден месец за да се создадат антитела, тогаш од неа корист ќе има дури после Нова година“, вели матичен доктор од Велес.

    Од велешкиот Здравствен дом потврдија дека не добиле вакцина против сезонски грип, но дека има најави за средината на неделава.

    „Да, нема вакцини, нема термини, чекаме да добиеме оваа недела. Имунитет се создава за две до три седмици. Грипот го има и во март и април, сè е на време, нема ништо спорно“, рече д-р Пандели Божиков, раководител на Службата за имунизација на училишни деца при Здравствен дом Велес.

    Откако почна вакцинација против сезонски грип во Велес, бесплатно се вакцинирани околу 400 лица од здравствено ранливите категории, толку термини изборија матичните доктори за нивните пациенти.  Од почетокот на вакцинацијата и матичните лекати и пациентите се жалат дека Велес доби многу малку вакцини, несоодветно на потребите.

    Комерцијалната вакцинација уште не е почната во Центарот за јавно здравје Велес, кој ги покрива и градовите од Повардарјето, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, како и Свети Николе.

    Директорката Здравствен дом Велес Анастасија Иванова, на прашањето кога ќе почне комерцијалното вакцинирање, изјави „кога ќе започне ќе ве информирам“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира