Денеска започнаа брзите тестирања за коронавирус и во Велес, кое се одвива преку Здравствениот дом. Закажувањето е преку матичен лекар и тоа доколку пациентот има симптоми на ковид-19 не повеќе од пет дена. Тестирањето се врши во просториите на некогашното ОУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, истата локација каде што врши тестирања и Центарот за јавно здравје.
„Тестирањето се одвива од 11 до 14 часот, на располагање има 40 термини преку ‘Мој термин‘ и е бесплатно. Тестот се прави во различни простории од тие што ги користи Центарот за јавно здравје“, изјави Николче Димовски, директор на Здравствен дом Велес.
Брзи тестови досега се правеа во Скопје, од минатата седмица почнаа во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и Кичево, а од вчера и во Кочани, Кавадарци и Куманово. Денеска со брзи тестови почнуваат и здравствените домови во Битола и Делчево.
П. ПЕЧКОВ