На три места во Велес фекална и канализациска мрежа се влева во реката Вардар. И тоа на отворено, а од нивна близина се шири реа. Локациите се во близината на Мало мовче, кај ракометното игралиште во Градски парк и близу зградата на невладините организации во месноста Дворови.
„Овие отворени канали се тука со децении. Биле близу реката, но како Вардар се поместувал со коритото, така останаа далеку од него. Сега се грда слика, но и се шири реа“, велат жителите.
Тие сакаат да се актуелизира овој проблем, кој е секојдневие за илјадници велешани кои минуваат покрај отворените испусти со фекалната канализација.
Градоначалникот Марко Колев вели дека овој проблем ќе биде решен со изградбата на фекална и канализациона мрежа, за што е добиен проект од ЕУ.
„Очекувам дека со Министерството за животна срдина наскоро ќе склучиме договор, со кој се обезбедени средства за пречистителна станица за Велес и Штип. Тоа ќе биде почеток на решавање на овој проблем, кој ќе се решава следните години. Дотогаш, ќе реагирам до ЈКП ‘Дервен’ да постави уште некој цевка, за да фекалиите да не се излеваат во град, туку да бидат директно во реката“, вели Колев.
П. ПЕЧКОВ