ВЕЛЕШАНИ ОТСЕГА ЌЕ МОЖАТ ДА ДАРУВААТ КРВ САМО ВО ДВА ДЕНА ВО НЕДЕЛАТА ЗАШТО СЕ ВОВЕДУВААТ ЕВРОПСКИ ДИРЕКТИВИ ЗА КВАЛИТЕТ

    ВЕЛЕШАНИ ОТСЕГА ЌЕ МОЖАТ ДА ДАРУВААТ КРВ САМО ВО ДВА ДЕНА ВО НЕДЕЛАТА ЗАШТО СЕ ВОВЕДУВААТ ЕВРОПСКИ ДИРЕКТИВИ ЗА КВАЛИТЕТДве години по ред, крводарителите од Велес и соседните општини Градско и Чашка се најхумани во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Од следниот месец, крводарителите од Велес и соседните општини ќе може да даруваат крв само во понеделник и четврток од 8 до 15 часот во Одделението за трансфузиона медицина во рамките на Општа болница Велес. Оваа одлука на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје наиде на жестоки реакции на крводарителите од Велес. Тие реагираат што нема да можат во кој било ден да даруваат крв, дека тие што работат прва смена никако нема да можат да даруваат и дека со тоа ќе опадне бројот на собрани крвни единици.

    Од Институтот за трансфузиона медицина соопштуваат дека уште во 2018 почнале имплементација на европските директиви за квалитет, но тоа не се применувало во Велес сѐ до деновиве.

    „Во завршна фаза сме од имплементацијата на европските директиви за квалитет и мораме да го унифицираме процесот на работење. Уште похумано е ако на пациентите им обезбедиме квалитетен крвен продукт, кој се обезбедува со оваа промена. Крвта која се дарува во службите треба да се транспортира во посебни услови, во таканаречен ладен ланец, до Институтот во Скопје, каде што се преработува во крвни продукти. Ладниот ланец на транспорт на крвта е воведен во 2019 и големо оптоварување за институцијата е да се овозможи секојдневно дарување крв во службите во другите градови. Воведувањето на ладниот ланец и на новиот начин на преработка на крвта во крвни продукти со потполно автоматизирани клеточни сепаратори, чувањето на готовите продукти и нивниот транспорт назад во службите како што е Велес е еден голем процес. Би сакале крводарителите да разберат дека го сакаме најдоброто за пациентите кои ја примаат таа крв“, соопшти д-р Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.

    Две години по ред, крводарителите од Велес, но и од соседните општини Градско и Чашка се најхумани во Македонија, со 4.519 собрани крвни единици во 2018 и 4.479 лани. Годинава, и покрај коронакризата, планот за крводарување беше натфрлен во средината на август и досега се собрани 2.231 крвни единици, иако планот бил 1.861.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира