ВЕЛЕШАНИ САКААТ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ДА СТАНЕ РЕСТОРАН  

    ВЕЛЕШАНИ САКААТ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ДА СТАНЕ РЕСТОРАН  Локалната власт за Офицерскиот дом предлага две решенија, да биде хотел за конгресен туризам со национален ресторан или библиотека (Фото: СДК.МК)

    Како да се искористат поранешниот Офицерски дом, зградата на киното, поранешното основно училиште „Џинот“,  некогашниот хотел „Вила зора“ , се прашува локалната власт во Општина Велес, која размислува што да прави со бројни објекти кои се во општинска сопственост, а стојат празни. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека се уништуваат  дузина згради кои се  празни и собираат прашина, а никој не ги  користи.

    „За жал, имаме ситуација кога во Велес и околината има бројни објекти кои стојат празни и неискористени. Тие не генерираат приход и одржливост, напротив трошоци“, вели Коцевски.  Затоa се организираше јавна расправа и во  исполнета голема сала на Општината, се дебатираше како да се искористи просторот  од поранешниот  Дом на АРМ – Офицерски, зградата на Синдикатот – киното, хотел „Вила Зора“, локалната библиотека, поранешното основно училиште „Џинот“, паркинг просторот пред Основниот суд и пред Саат кулата, старите училишта во Горно Оризари и близу велешкиот затвор.  На оваа јавна расправа присуствуваше и Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет од Скопје.

    Се предлага поранешниот хотел „Вила Зора“ да се пренамени за неговата основна цел, сместување на возрасни лица кои живаат сами и имаат потреба од сместување и грижа (Фото: СДК.МК)

    „Морам да ги пофалам велешани што во толкав број дојдоа и присутвуваа и нудеа решениија, споделуваа идеи, желби и можности, зборува за посветеноста кон својот град. Наназад неколку декади се загуби визијата за градовите. Градоначалниците досега говореа за ситни мали интервенции, поправаа улици и тротоари како да е тоа главно достигнување. И вечерва започнува една нова ера, кога се враќа визијата за градот,  која е поширока од секој негов дел. Таа мора да биде споделена со граѓаните но и со стручните лица, мислам на архитектите. Фацсинантна е бројката која Општина Велес може да ја стави на располагање на граѓаните. Но да не се заборави јавниот  простор, тоа  се плоштадите, улиците, парковите,  кои треба да се достапни до сите граѓани и тогаш градот ќе почне да живее“, рече Марина.

    Локалната власт изготвила предлози за објектите и го претстави пред присутните. За Офицерскиот дом се предлагаат две решенија, да биде хотел за конгресен туризам со национален ресторан  или библиотека. Постојната  библиотека и салата „Бели Мугри“ да бидат младински креативен центар, а во салата да се одржуваат филмски проекции, театарски претстави на младински групи, рок концерти на млади групи,  концерти на играорни друштва, пејачки друштва и да се уреди дворот за искористување. Зградата на Синдикатот (киното) да се пренамени еден кат за хостел, еден за библиотека. Паркингот пред Основен суд Велес да биде со подземен  и надземен  паркинг или второ решение плоштад , кој во зимно време би имал простор за зимско лизгалиште.

    Се предлага Зградата на Синдикатот (киното) да се пренамени еден кат за хостел, еден за библиотека (Фото: СДК.МК)

    Зградата на поранешното школо „ Јордан Хаџи Констатнинов Џинот“ да се искористи за повеќе намени, детска градинка, дневен центар за лица на возраст над 18 години. Или со второ решение сите факултети кои работат во Велес да се префрлат таму.  Поранешниот хотел „Вила Зора“ да се пренамени за неговата основна цел, сместување на  возрасни лица кои живаат сами и имаат потреба од сместување и грижа. Гаражите на јавното комунално претпријатие „Дервен“ во населба Тунел да се искористат и таму да  се изгради училиште, детска градинка или дом за стари лица. Објектот за пасоши,  кај пожарната, кој е отстапен на СВР Велес да се пренамени за Дневен центар за лица зависници. Народната кујна во месноста Дворови, како и  диспанзерот за АТД, кои се празни се со отворени решенија.  Училиштето во Горно Оризари кое е празно да се искористи и пренамени за Дом на култура и за џамија. Училиштето кое е во близина на затворот, да се понуди на државата за да се зголеми капацитетот на затворот, а државата за возврат во замена  да даде друг објект во општината.

    Локалната власт бараше мислење од велешани, и го доби во повеќечасовна дискусија.  Без исклучок, сите дискутанти посочија дека на Велес  Офицерскиот дом му е потребен како ресторан, култно место кое е одличје на градот со децении, сѐ до неговото затворање. На градот му е потребен хостел, немаше дилеми дека сегашната библиотека треба да биде Младински креативен центар, каде ќе се одржуваат и кино проекции. Потоа се побара место за дом за лицата со посебни потреби,  каде тие би се згрижувале во отстуство на родителите. Екологистите од „Зелена сила“ побараа планинарскиот дом „Бреза“ да  се реновира, училиштето во село Ораовец да се адаптира за престој на гости.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира