Годинава, жетвата на сончогледот започна рано, уште во средината на август, но и рано заврши. Сушата придонесе за мал род, па земјоделците бргу ја собраа годинашната реколта и бргу ја предадоа. Годинава откупната цена беше 26 денари за килограм, а ланската 20,5 денари. Откупот е завршен, велешка Маслодајна, единствениот производител во земјава на масло за јадење од сончоглед, откупи дел од родот, само 3.200 тони, што е најмалку последните неколку години.
„Откупивме 3.200 тони сончоглед, што е најмалку последните години. Количината е мала поради сушата и приносите кај земјоделците се значително помали отколку лани и годините пред тоа. Оваа количина е далеку од можностите за производство на масло за јадење од сончоглед, таа е минимална. Поради тоа, ќе мораме да увезуваме. Тешко оди зголемувањето на површините со сончоглед во земјава, иако како индустриска култура е една од основните во прехраната, заедно со житото“, вели Горан Лазов, директор на фабриката „Кристал 1923“.
За да се задоволи пазарот со масло ја јадење, Маслодајна ќе откупи дополнителни количини сончоглед од Србија, која неодамна ја укина забраната за увоз на маргарин и масло за јадење од Македонија, што ја воведе во март годинава и нанесе штета во работењето на Маслодајна. Проценките се дека во Македонија 50 до 60 отсто од маслото за јадење е од српски прозиводители.
„Цената на маслото за јадење споредено со лани истиот период е минимално покачена, за некој денар-два, иако сите други продукти отидоа со цените повисоко. Меѓутоа, со оваа суша во регионот, се очекува цената на сончогледовото сурово масло напролет да биде повисока, да скокне. Со блокадата половина година за извоз на наши производи во Србија претрпевме финансиски штети, а сега ќе мораме од кај нив сончоглед да купуваме“, вели Лазов.
Од минатата година, Владата го покачи ДДВ за сончоглед на 10 отсто, додека на суровото масло остана 5 отсто, со што фабриката се става во нерамноправна положба на пазарот, како единствен преработувач во Македонија на сончоглед во масло за јадење. И покрај реакциите до Владата, ДДВ не е променето.
Дел од родот на сончоглед од Пелагонија завршил во Грција, бидејќи таму откупната цена била 27 денари за килограм, па откупувачите го купувале во Македонија по 22 денари , плус трошоци за транспорт и го пласирале таму.
П. ПЕЧКОВ