ОТКАКО ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ СЕ РАСИПАЛ, ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА СИ КУПИ НОВ ЛИФТ

    ОТКАКО ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ СЕ РАСИПАЛ, ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА СИ КУПИ НОВ ЛИФТЗа да не дојде до оштетувања, двата лифта ќе бидат соодветно обележани, а портирите имале и обука за нивно користење (Фото: СДК.МК)

    По четири години чекање, велешката болница доби лифтови.

    Лифтот за посетителите беше долги години расипан, додека лифтот за пациентите и за персоналот повеќе не работеше, отколку што работеше. Новите два лифта се монтирани во инвестиција вредна 80.000 евра, обезбедени од буџетот на ЈЗУ Општа болница Велес.

    „Процедурата е завршена, добиени се сите дозволи и лифтовите се ставени во функција. Замената заврши, малиот лифт е за посетителите, додека големиот е за лежечки пациенти и за службите на болницата“, кажа директорот Димитар Стровјаноски.

    За да не дојде до оштетувања, двата лифта ќе бидат соодветно обележани, а портирите имале и обука за нивно користење. В година ќе се работи и на најавениот панорамски лифт. Поради тоа што лифтовите не работеа, болницата не можела да ја обнови акредитацијата, но директорот најави дека наскоро ќе ја добијат и тоа не за период од една година, туку за подолго.

    Во последните два месеци додека траеше монтажата на лифтовите, Интерното одделение беше преселено на втори кат. Така ќе остане и во наредниот период. Причината е што на четврти кат сега е преселено Инфективното одделение.

    „Од пред еден месец, Инфективното одделение, кое е во кругот на болницата, е преместено на четврти кат. Претходно, и покрај користењето на големи количини енергенси и на дополнителни грејни тела, температурата не се качуваше над 17 степени. Кровот е саниран, остануваат дограмата и термоизолациската фасада, што ќе се работат следната година“, кажа д-р Стровјаноски.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира