Со само шест вработени, велешкиот Народен музеј едвај ја извршува редовната работа. Состојбата од година во година е сѐ полоша, возрасните заминуваат во пензија, а не се дозволуваат вработувања на млади. Поради ова се затвораат одделенија.
Директорот Ангел Коруновски пред членовите на Советот на Општина Велес образложи зошто се потребни итно нови вработувања.
„Како што разговаравте за Езерото Младост и негов спас, ние сме во слична состојба. Така и нас овие 10 нови вработувања ни се итно потребни, за опстанок, не за некоја поголема дејност. Секоја година губиме по некој вработен по основ на пензионирање, за нови нема согласност. Нема вработени, затвораме клучни одделенија, етнологија, историја. Надлежни сме за 11 објекти“, кажа Коруновски пред Советот, барајќи 10 вработувања за следната година, што му беше едногласно одобрено.
Но, согласност треба да дадат и Министерството за култура, каде е министер Зоран Љутков кој до пред два месеца беше претседавач на Советот на Општина Велес и го знае овој проблем, како и Министерството за финансии.
Како дел од Народниот Музеј Велес се и Спомен-куќата на Коста Солев Рацин, Спомен-куќата на Васил Главинов, Спомен-костурницата на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во село Горно Врановци со пет куќи.
Од локалната власт на Музејот му да дадени на управување и Ликовниот салон, Куќата на Касапови, Куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Вработените од Народен музеј Велес се грижат и за поставките на Спомен-собата на Петре Поп Арсов во Богомила, и Спомен-собата на поетот и револуционер Коле Неделковски во село Војница, кои се во надлежност на Општина Чашка.
П. ПЕЧКОВ