ВЕЛЕШКИОТ СОВЕТ ИЗГЛАСА ДУПЛО ПОВИСОКА ЦЕНА ЗА СОБИРАЊЕ И СКЛАДИРАЊЕ СМЕТ

    ВЕЛЕШКИОТ СОВЕТ ИЗГЛАСА ДУПЛО ПОВИСОКА ЦЕНА ЗА СОБИРАЊЕ И СКЛАДИРАЊЕ СМЕТНовите повисоки цени за собирање отпад ќе важат по објавување во Службен весник во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес на 30. седница изгласа нови цени за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес. За затворен простор – домаќинство, физичките лица ќе плаќаат 3 денaри/м2 наместо 1,5 . За дворно место од дом, физичките лица ќе плаќаат 0,40 денари/ м2 наместо 0,20. Правните лица за затворен простор ќе плаќаат 8,75 денари/м2 наместо 3,5 додека за дворно место правните лица ќе плаќаат 1,25 денари/м2 наместо 0,5.

    Доколку правните лица кои во текот на една календарска година создаваат повеќе од 100 тони неопасен отпад, тие ќе се мерат во метри кубни. Овие цени ќе важат по излегување во Службен гласник на Општина Велес. Оправданоста на новите цени ја образложи градоначалникот Марко Колев.

    „Ова е најтешката одлука во мојот досегашен мандат. Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие Дервен неколку пати бараше повисока цена и на оваа услуга, бидејќи раководството не може да влијае на процеси што се случуваат во државата и надвор од неа. Одлука која ќе се одрази на буџетот на моите сограѓани и не е популарна. Зголемени се цените на енергијата, струја, потоа на горивото, кои влегуваат во цената на услугите. Ако во некоја блиска иднина, тие цени се вратат, одговорно кажувам, дека и овие цени за отпадот ќе бидат вратени“ , кажа Колев.

    „Во услови на 20 отсто инфлација на државно ниво, цените на комуналните услуги во Велес се зголемуваат за 100 отсто. Со ова се обидуваат да се намали милионскиот долг на ЈКП Дервен“, рече Игор Смилев советник од Левица.

    Советничката група на СДСМ и коалицијата побараа оваа точка да биде симната од дневен ред, бидејќи не била во согласност со променетиот Закон за управување со отпад од септември 2022. Со ова промена ниту Советот ниту ЈКП Дервен можеле да носат ваква одлука, без согласност од Регулаторна комисија.

    „Регулаторна комисија за комунален отпад не постои. Ниту оваа 2023 година ќе се формира. Најавите се дека ќе започне со работа од 2025. Дури тогаш советниците ќе имате ваква обврска, ниту вие ниту градоначалникот“, изјави директорот Горан Наунчев.

    „Рационализирајте ги трошоците, намалете ги загубите. Како советничка група ваква одлука нема да поддржиме, бидејќи е голем товар за граѓаните. Создадете услови Велес да биде почист, да биде поубав. Не удирајте по џебот на народот, барајте грантови“, кажа Ќирил Гајдов, координатор на советничката група на СДСМ.

    Советниците од Левица имаа 30 амандмани со кои се обидуваа, неколку часа да ги убедат колегите да не се покачи цената за отпадот, но тие не поминаа. Одулата беше изгласана со поддршка на советниците од коалицијата на ВМРО-ДМПНЕ поддржана од советникот од ДУИ.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира