Основниот суд Велес изрече казна куќен затвор со електронски надзор за 79-годишник по пресуда за кривично дело Полово вознемирување на дете. Пресудата на судијата Шефшет Адеми е донесена врз основа на признание на вина од обвинетиот П. Ѓ. од Чашка по што тој беше огласен за виновен. Ова е е една од малкуте изречени казни од таков вид во судската пракса во Македонија.
„На обвинетиот му се утврдува казна затвор во траење од три месеци и истовремено се определува дека утврдената казна затвор во траење од три месеци, со согласност на обвинетиот, да ја издржува во куќен затвор со електронски надзор, а која се состои во забрана за напуштање на домот, освен во случаите утврдени со Законот за пробација“, соопшти Велешкиот суд.
Надзор над извршувањето на куќниот затвор врши судот и надлежен орган, како и полицијата во местото во кое се наоѓа домот на осудениот, со обврска за редовно известување од нивниот надзор. Ако осуденикот ја прекрши забраната за напуштање на домот, по предлог на надлежен орган, судот може да одреди заменетата казна затвор да се изврши во целост во затворска установа.
Законот за пробација беше донесен во 2015, а почна да се применува во 2018, но како инструмент во правосудниот систем не се користи доволно.
Годинава, од 60-тина правосилни пресуди во Основен суд Велс има две кои се пробациски.
Првата е по признание на вина, условна осуда со заштитен надзор за кривичното дело Загрозување на сигурноста. На обвинетиот му е утврдена казна затвор во траење од 2 години, а нема да се изврши ако обвинетиот во времето од 5 години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело и ги исполни следните определени обврски: му се забранува на обвинетиот да употребува алкохолни пијалоци, дроги или други психотропни супстанции, му се наложува да ги одбегнува и да не се дружи со лица кои негативно влијаат врз него.
Втората е за двајца обвинети, по признание на вина, за кривично дело Насилство. Ним им е утврдена казна затвор во траење од една година, и таа нема да се изврши ако во времето од 2 години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело и ги исполнуваат определените обврски. Ним им е изречена условна осуда со заштитен надзор, и се определени мерки на помош, грижа, надзор или заштита, и тоа: прифаќање на вработување што одговара на способностите и склоноста на осудениот и користење на слободното време според оценка на надлежниот орган согласно закон.
П. ПЕЧКОВ