Вероника Гавровска, ученичка во осмо одделение од Основното училиште (ОУ) „Гоце Делчев“ во Босилово, со менторката Весна Тилова, е добитничка на Гран при наградата на 59. Детски Рацинови средби, кои се одржаа во Велес. Таа ја доби наградата за литературната творба на тема „Моето и Рациновото подобро утре“.
Жирито, составено од македонски авторки, пофали дел од учесниците, но упати и критики кон непримерната употреба на вештачката интелигенција при создавањето поезија.
„Во пристигнатите творби се препознаваат детски соништа, искреност во нивните емоционални доживувања, а се отворија и различни интерпретативни толкувања на темата. Има оригинални и впечатливи достигнувања, исполнети со емотивен набој, топол лиризам и имагинизам. Кај дел од творбите беше забележана недоволна емоционална автентичност, шаблони и стилски обрасци кои упатуваат на можно користење алатки за генерирање текст со помош на вештачката интелигенција. Технолошките алатки може да бидат помош во творечкиот процес, но не и замена за личното доживување, индивидуалната мисла и автентичниот авторски глас“, изјави поетесата Десанка Николовска, членка на жирито.
Двата конкурса на Детските Рацинови средби беа меѓународни. Освен ученици од основните и средните училишта во Македонија, учествуваа и деца од училишта во кои се изучува македонскиот јазик во земјите каде што живеат Македонци, меѓу кои Словенија, Хрватска, Србија, Шведска и Германија.
Во категоријата литературни творби, првонаградени се Тифани Михајловска од Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, Леонида Михајлова од ОУ „Гоце Делчев“ во Конче, во категоријата за осмо и деветто одделение, и Луна Ѓорѓијевска од ОУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје, во категоријата за шесто и седмо одделение.
На ликовниот конкурс на тема „Рацин и неговите стихови преточени во слика“, првите места ги освоија: во категоријата за средни училишта – Матеја Брезовска од Гимназијата во Гостивар; во категоријата за осмо и деветто одделение – Зорица Ѓорѓиевска од ОУ „Петар Поп Арсов“ во Извор, Велешко; и во категоријата за шесто и седмо одделение – Сара Колодезни од ОУ „Панко Брашнар“ од Велес.
Организатор на Детските Рацинови средби беше Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Велес.
П. ПЕЧКОВ



