Риболовците кои стопанисуваат со рибниот фонд на акумулационото Eзеро Младост, во средината на август измериле температура од 29,9 степени Целзиусови на површинската вода, а на метар и пол подолу 27,5. Во вакви услови живее рибниот фонд и нешто од флората што остана во езерото. Стручните лица од Хидробиолошкиот завод од Охрид констатираа дека во водата има недостиг на кислород, поради што езерото изумира.
„За водата да има жив свет потребен е кислород, а во езерото го снемува. Во неколку наврати годинава имаме регистрирано изумирање на рибата во езерото, што според нас се должи на недостиг на кислород“, вели Даниел Наумовски претседател на Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна“ од Велес.
Од „Бабуна“ заедно со уште неколку граѓански здруженија и биогасната централа Сарамзалино неколку викенди по ред ја чистеа површината на водата од органската материја која плива по неа, а е создадена од цвет на алгите и трските. Чистењето на површинскиот слој е една од препораките на Хидробиолошкиот завод, за да се подобри состојбата со езерото. Втората е дека е потребно снабдување на езерото со свежа вода заради кислород.
Со водата од езерото стопанисува Јавното водостопанско претпријатие (ЈВП) „Лисиче“, по чие барање се извршени анализите за квалитетот на водата. И покрај препораките, од таму засега нема никава реакција ниту акција за заштита на водата, која претпријатието ја продава за наводнување на околните земјоделски површини.
Акумулацијата се полни со вода од Отовичка Река и Рудничка Река, кои со години не течат и се суводолици. Своевремено, Агрокомбинат „Лозар“ како превентива за Езерото Младост го создал Езерото Јарбош, во близина на патот Отовица-Сујаклари. Од него езерото се полнело во годините кога има суша. Езерото Јарбош е дадено на стопанисување на Ловното друштво (ЛД) „Руен“, поради богатиот фонд на патки и шатки. Но, поради извршени градежни зафати на изворите кои се над езерото, тоа веќе не се полни и е со осетно намалено ниво. Поради тоа, нема можност од него водата да се прелева во Езерото Младост, каква што му била основната намена.
Со години се слушаше најавата дека водата од акумулацијата Лисиче ќе се донесе до Езерото Младост и тоа ќе се полни со свежа вода. Се до февруари 2020, кога тогашниот градоначалник на Велес Аце Коцевски, објави дека тоа не е можно.
„Опцијата за полнење на Езерото Младост со вода од Езерото Лисиче од страна на консултантите ангажирани од КФВ банката, која го додели кредитот за изградба на цевковод, е отфрлена како нерационална и несоодветна. Стручните лица сметаат дека ќе се наруши флората и фауната на Езерото Младост доколку се помешаат водите“, кажа тогаш Коцевски.
Но, можноста да се обновува водата во Езерото Младост никогаш не била искористена. Во февруари 2014, испусните венитили лоцирани на дното од 25-метарската брана беа сменети после 50 години од формирањето на езерото и се даде можност водата да се испушта од дното и да се изврши обнова, а не само по пат на прелевање на горните слоеви и нивно полнење. Наспроти праксата со водата од акумулацијата Лисиче да се испушта вода при дното, концесионерот „Лисиче“ не ја користел досега на Езерото Младост, иако има техничка можност. А од 2015, децении по 1984, има прилив на вода во езерото и тоа претекува. Со тоа се обновува само горниот слој на водата. Водата при дното е со исклучително лош квалитет, констатираат стручњаците од охридкиот Хидробиолошки завод.
„На длабочина од 14 метри водата има интензивен мирис на сулфур, поради неразградба на органските материи, а има и високо присуство на амонијак кој е производ на отсуство на кислородот“, се вели во извештајот на Заводот.
За отпадните води од околните населни места околу езерото има изградено колекторски систем од село Кумарино, преку Сујаклари, Отовица, сателитска населба па до пречистителната станица кај село Новачани која не работи и отпадните води директно завршуваат во Вардар. Надзор на овој систем извршил Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и констатирал дека овој колекторски систем има еден крак од левата страна на езерото кој ги собира отпадните води од еко-кампот, од бродот „Панини“ и хотел „Глориус“, кој не е предаден на управување на Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Дервен“, но тоа на еден од хотелите му наплатувал такса.
„Од населбата Отовица која е најблизу до езерото, во базата на податоци се евидентирани 229 индивидуални објекти корисници. Од нив, за канализација плаќаат само 65 корисници. ДИЖС побара да се објасни причината за оваа значителна разлика. Беше одговорено дека канализација има дел од Отовица и таа е предадена на управување на ЈКП ‘Дервен’. Дел од објектите се директно приклучени на колекторот, но значителен дел не се, а ЈКП ‘Дервен’ нема сознанија каде и како се одведуваат нивните фекални отпадни води“, соопшти ДИЖС за увидот на колекторскиот систем кај село Отовица.
Хидробиолошкиот завод при контрола на водите од Езеро Младост констатира дека „индикатор за старо фекално загадување е регистрирано во водите кај заливот каде истекува Отовичка Река, која подолг период нема вода и не тече“.
Од Општина Велес најавуваат дека оваа црна точка на езерото ќе ја санираат.
„Bо тек е изготвување на проект за чистење на речното корито на Отовичка Река, како и поставување информативни табли со добиената препорака водата од акумулацијата Младост да не се користи за спорт и рекреација, за риболов, наводнување на земјоделски култури и напојување на животни, особено домашни миленици“, соопшти Општината.
Граѓаните на Велес се во недоумица зошто летово резултатите на квалитетот на водите на Езерото Младост се разликуваат oд плажа до плажа во различен период на мерење на квалитетот на водите. Резултатите покажуваат дека водата од една плажа во еден период е одлична, во следен ги надминува вредностите за добра или обратно, водата на една плажа има силно фекално загадување, за да по седум дена истата вода е со одличен квалитет.
Резултатите од анализата на Хидробиолошкиот завод се сосем различни, што според стручните лица се должи на различните параметри кои ги испитувале лабораториите.
„Според добиените резултати, водата во акумулацијата е со лош квалитет, ризична за опстанокот на живиот свет во акумулацијата, ризична по здравјето на капачите, просто кажано езерото умира. Присуството на индикаторите за фекално загадување, укажуваат на човечко влијание врз акумулацијата“, е оценката на стручните лица од Заводот, кој анализата ја правеше по порачка од „Лисиче“.
Заводот квалитетот на водата го мереше на три места, површински, на 7 метри и 14 метри длабочина. По оваа анализа нема реакција ниту од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој единствено може да изрече забрана за капење во водите на езерото. Отстранувањето на органската материја од површината на езерото е во мирување.
„Започнавме да ја собираме таа мртва маса по површината на езерото. Поради нејзино разлевање по целата површина, откако таа беше само на една локација, а ветерот ја разнесе, чекаме повторно да дувне ветер кој ќе ја донесе на едно место во заливот, за да можеме повторно да ја испумпуваме и ја чистиме површината“, вели Наумовски.
Граѓанските здруженија од Велес се со идентичен став дека децениската негрижа кон езерото кулминираше летово.
„Сите предложени мерки не можат да се реализираат преку ноќ, ниту само една институција може да помогне во решавањето на проблемот. Основно е да се мапираат загадувачите, за да престане загадувањето, па потоа да се санираат последиците. Потребен е заеднички настап и напори на сите, за да се спаси езерото“, вели Сашка Коцевска од еколошкото друштво Вила Зора.
П. ПЕЧКОВ