Општина Струга започна со хуман третман на бездомни кучиња. Досега заловени и третирани се десетина кучиња, а акцијата ја спроведува овластена ветеринарна клиника од Куманово. За оваа намена Општината издвои 600 илјади денари, но велат дека ако е потребно ќе се обезбедат дополнителни средства за продолжување на акцијата.
„Точниот број на кучиња скитници не се знае и тоа е променлива бројка, постојано има голем број кучиња од други градови кои се носат со комбиња кои не можеме да ги видиме. Тоа се прави или многу рано сабајле или касно навечер. Доколку има потреба ќе се прошири постапката со финансиски средства“, вели Митко Коркутоски, раководител на Комунален инспекторат-Струга.
Според слободните проценки, во Струшко има стотици улични кучиња, а според надлежните ваквиот начин не е доволен за решавање на проблемот. Велат дека се потребни измени во законот и изградба на соодветен стационар.
„Градоначалникот поднесе иницијатива за измена на законската регулатива со која ќе се предвиди ваквиот третман да се префрли на Агенцијата за храна и ветеринарство и преку надлежните инспекциски служби да се врши поголема контрола врз размножувањето на кучињата, чипирањето, едноставно државата да ја има главната улога во таа постапка“, додава Коркутоски.
Општината побара од полицијата засилени контроли на влезните точки во градот да се проверуваат возилата за кои постои сомнение дека носат бездомни кучиња од другите градови. Исто така, упатија апел до граѓаните ако забележат дека се носат кучиња скитници од други општини да ги сликаат возилата, автомобили, комбиња, камиони, кои вршат истовар и сликите итно да ги достават до Општината или до полиција.
С. ВРЕНЦОВСКА