ВЕТУВАЊЕТО ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ШАНКОВИТЕ НА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ Е ЗЛОСТОРСТВО ВО НАЈАВА, РЕАГИРА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА

    ВЕТУВАЊЕТО ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ШАНКОВИТЕ НА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ Е ЗЛОСТОРСТВО ВО НАЈАВА, РЕАГИРА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКАСо активностите во текот на летово за отстранување на дивопоставените објекти и платформи на охридските плажи, Езерото се ослободи од огромни количини фекалии и отпадни води. (Фото: СДК.МК)

    Ветувањето на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков дека повторно ќе се издаваат концесии за плажите на Охридското Езеро е злосторство во најава, реагира министерката за култура Ирена Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО.

    Пецаков вчера во емисијата „Топ тема“ на Телма најави дека неговиот концепт за уредување на охридските плажи, предвидува на самите плажи да бидат поставени типизирани шанкови од природни материјали и искористеност со лежалки на плажите од 50 отсто, додека останатите 50 насто да бидат слободни за граѓаните.

    „Мојот концепт за функционирање на охридските плажи е, на плажите да бидат поставени типизирани шанкчиња составени од природни материјали, 50% искористеност на плажата со лежалки и 50% да бидат слободни за граѓаните. Тоа е начинот на кој што плажите ќе бидат уредени, а со сето тоа и оддржани. А, не како во случајов со оваа туристичка сезона, кога во јуни беа срушени, а туристите кои што доаѓаат да нема каде да одат на плажите“, рече Пецаков.

    Со активностите во текот на летово за отстранување на дивопоставените објекти и платформи на охридските плажи, Езерото се ослободи од огромни количини фекалии и отпадни води. При самото уривање на шанковите во Охрид биле пронајдени канализациски цевки кои завршувале во езерото. Од село Пештани до хотел Метропол, каде се отстранија нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали, откриени и отстранети биле голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро.

    Д-р Орхидеја Тасевска, научна советничка и в. д. директорка на Хидробиолошкиот завод во Охрид, вели дека ваквиот начин на уредување на охридските плажи е во спротивност со Документот за номинација на Охрид во УНЕСКО како природна реткост. Таа потенцира дека ослободувањето на езерото од поставените платформи и несоодветниот материјал придонесува врз заштитата на екосистемот.

    Министерката Стефоска потсетува оти оние градби на брегот и оние платформи во вода не смеат да му се повторат на Охридското Езеро и дека одамна не сме го виделе толку чисто најубавото и најстарото езеро во Европа.

    „Градоначалникот Константин Георгиески со огромен ризик и под голем притисок сепак ги урна објектите кои од година во година стануваа сè поголеми. Тие не само што го сардисаа брегот, не само што го загадуваа Езерото, туку ја загрозија и егзистенцијата на угостителите кои ги почитуваат правилата. Ветувањето дека повторно ќе се издаваат концесии за плажите е злосторство во најава кон Езерото! Планот за управување со Охридскиот Регион предвидува издавање на концесии за некои плажи, но само со урбана опрема, а не како објекти“, вели Стефоска.

    На 30 август годинава, Општина Охрид распиша Јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро, согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи. Градоначалникот Константин Георгиевски тогаш рече дека целта е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот, а уредени по желба на граѓаните.

    Според Тасевска, во ниедна друга зона од езерското дно нема толку разновидност во однос на карактерот и изгледот на дното како во крајбрежната и од сите зони на езерското дно, литоралот е несомнено најбогат по бројот на видови растителни и животински организми.

    „Секоја промена на условите во едно живеалиште или негова деградација, значително се одразуваат на животата заедница во него, влијаејќи врз нејзината бројност, животен циклус, а во најлош случај водат и до нејзино потполно исчезнување. Тоа повлекува реперкусии и врз езерото во целост, бидејќи екосистемот е бескрајно сложен, а во исто време и изразито динамичен систем на взаемно поврзани делови кои влијаат едни на други, директно или индиректно“, вели Тасевска и додава дека секоја промена на било која алка во сплетот на односи кои владеат во акватичниот екосистем, повлекува по себе промени во пространството на целиот екосистем.

    Охридското Езеро од биолошки аспект, како што вели Тасевска, е најзначаен стагнантен воден екосистем во Европа, ставен под заштита на УНЕСКО како Светско природно наследство. Секое непочитување на природните закони носи само краткотрајна корист, но далекусежни негативни последици по животната средина и губење на природните вредности.

    „Човештвото треба да се стреми кон одржливо и рационално користење и управување со природните ресурси“, смета Тасевска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира