ВЕВЧАНИ ВИКЕНДОВ ПО ДОЛГО ВРЕМЕ ЌЕ СЕ НАПОЛНИ СО ГОСТИ, ИМА ПРИРОДНИ УБАВИНИ АМА НЕМА МЕСТО ЗА ПРЕСТОЈ

    ВЕВЧАНИ ВИКЕНДОВ ПО ДОЛГО ВРЕМЕ ЌЕ СЕ НАПОЛНИ СО ГОСТИ, ИМА ПРИРОДНИ УБАВИНИ АМА НЕМА МЕСТО ЗА ПРЕСТОЈВо Вевчани се нуди сместување само во приватни куќи, адаптирани во духот на етно-традицијата. (Фото: СДК.МК)

    Продолжениот празничен викенд конечно ќе донесе бројни гости во Вевчани. По подолго време, местата за престој во целост ќе бидат исполнети со домашни туристи, а се враќаат и дел од печалбарите. Во Вевчани се нуди сместување само во приватни куќи, адаптирани во духот на етно-традицијата.

    „За викендов се најавени голем број гости. Сите капацитети за спиење веќе се резервирани. Тоа се околу 60 легла, апартмани во приватни куќи. Исто така, голем број од нашите иселеници се враќаат во родното Вевчани“, вели градоначалникот Сашо Јанкоски.

    Сопствениците на неколкуте етно-ресторани се задоволни што ќе пречекаат гости, но стравуваат дека коронавирусот после празниците повторно ќе им стави клуч на врата.

    „По подолго време отвораме. Среќни сме што ќе дојдат гости, но тоа се само неколку дена. Што ќе правиме после? Се надеваме дека пандемијата ќе заврши, па ова лето да имаме многу повеќе туристи, за разлика од лани“, вели еден угостител.

    Вевчани, според Јанкоски, нуди идеални услови, посебно значајни во време на пандемија.

    „Во Вевчани има одлични патеки за пешачење, гостите можат да се рекреираат и уживаат на излетничките места“, додава Јанкоски.

    Од Општина Вевчани најавуваат и нови содржини за привлекување гости, па во иднина ќе треба да се зголеми бројот на сместувачките капацитети, со што Вевчани, како што велат, би прераснал во еден „глобален хотел“.

    „Ќе се стимулираат жителите старите етно-куќи да ги преадаптираат во апартмани и ресторани. Неколку примери, како „Пупина куќа“, „Кутмиќевица“ и „Домаќинска куќа“, покажаа дека ова е успешна приказна на овие простори“, вели Јанкоски.

    Според него, Вевчани е вистински рај за вљубениците во природата. Најатрактивни места се Вевчански Извори, месноста Јанков Камен, ледничките езера на Јабланица, манастирот „Св. Спас“ и римското наоѓалиште Вајтос.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира