Се собраа од сите страни на светот и одржаа виртуозен концерт во Хераклеја во Битола, четворицата мајстори по кларинет Исмаил Лумановски, Горан Бојчевски, Благојче Трајковски и Благој Ламњов.
Тројца од нив настапуваа во својот роден град Битола. Иако стекнати со светска слава, не го заборавија нивниот професор кој ги учел да свират кларинет. Лумановски отсвире композиција посветена на починатиот музички педагог Панде Татарчевски, од чија класа во Музичкото училиште во Битола излегоа тој, Трајковски и Бојчевски.

Четворицата виртуози беа придружени од хорот „Коруновска Арс Нова” и музичарите Давор Јордановски, Оливер Јосифовски, Алек Секуловски, Зоки Конги, Ади Имери, Ристо Крстевски, Илија Мицев и Александар Петров. (Фото: СДК.МК)
„Се сеќавам како еден легендарен музичар нѐ учеше да свириме, Татарчевски е значајна личност поради која оваа вечер се случува. Направив еден аранжман на ‘Зејтин’ и сакам за него да биде отсвирен“, рече Лумановски.
Концертот го започнаа свирејќи ја „Битола мој роден крај“, продолжија со „Калеш бре Анѓо“ и друга македонска музика преплетена со етно, џез и блуз примеси, а изведоа и нивни композиции. Така Бојчевски се претстави и со неговата „Девeтенаесетка“, за која рече дека се изведува на престижниот Универзитет во Салцбург, а Ламњов ги отсвири „Лили – воз во Чикаго“ и „Фламенго де Маседонија’’.
Свиреа и композиции од основоположникот на македонската кларинетска музика Тале Огненовски и од композиторот на македонски ора Стојан Трајковски, кој воедно е татко на кларинетистот Блaгојче Трајковски и беше присутен на концертот и доби силен аплауз од публиката.
„Тие се столб на една сериозна културна зграда што ја градиме како нација“, рече Благојче Трајковски.
Кларинетистите настапуваа со соло изведби и во дует и беа толку маестрални што беше невозможно да се одреди кој е најдобар. На крај рекоа дека се гордеат со македонската музика и дека преку нивните свирки и композиции ја пренесуваат насекаде низ светот.

Кларинетистите настапуваа со соло изведби и во дует и беа толку маестрални што беше невозможно да се одреди кој е најдобар. (Фото: СДК.МК)
Четворицата виртуози беа придружени од хорот „Коруновска Арс Нова” и врвните музичари Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Оливер Јосифовски на бас, Алек Секуловски на тапани, Зоки Конги, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан. Идејата за настанот беше на Благојче Божиновски, директорот на КИЦ Офицерски дом од Битола, а се одржа во рамките на Битфест.
Ж. ЗДРАВКОВСКА