ВИШИОТ УПРАВЕН СУД ДА НЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, БАРАА ЕКО-АКТИВИСТИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦА

    ВИШИОТ УПРАВЕН СУД ДА НЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ НА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, БАРАА ЕКО-АКТИВИСТИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦА На моторизираниот протест имаше активисти против рудници од целиот Југоисток, кои дадоа поддршка на струмичани, апелираа до сите институции конечно да се затвори прашањето со Иловица, во спротивно не ја исклучуваат можноста да се бојкотираат изборите, оти сите граѓани во Југоистокот веќе немаат сила и нерви да ги трпат неправдите во желбата за чиста животна средина. (Фото: СДК.МК)

    „Кој управува со Управен“, „Виш управен, исправи ја грешката на Управен“ беа само дел од транспарентите залепени на возилата, со кои активистите против рудници од Југоистокот повторно го кренаа својот глас против отворање рудникот Иловица на планината Огражден. Околу еден час со вклучени сирени, членовите на Здрава котлина и граѓаните кои не сакаат рудник, возеа по струмичките улици во знак на револт и незадоволство од последната одлука на Управниот суд, кој повторно го врати во живот рудникот за бакар и злато кај Иловица.

    За овој рудник, Владата минатата година не даде дозвола за експлоатација на металични минерални суровини и го раскина договорот за концесија со компанијата „Еуромакс“.

    „Сакаме да ја споделиме нашата загриженост од молкот на Министерството за економија и Јавното правобранителство во поглед на очекуваната жалба до Вишиот управен суд, чии рокови течат со укинувањето на вонредната состојба. Испративме официјални дописи за заеднички состанок и да доставиме дополнителни правни аргументи, но одговор нема. Со оглед дека е изборна кампања, загрижени сме дека ова важно прашање ќе биде оставено на маргините или нема да биде соодветно третирано. Затоа, до 13 јули бараме да се реши проблемот со рудникот и неправдата да ја исправите. Не прифаќаме одложувања. Ако не се реши, ние тогаш ќе објавиме архива на документи со поединци, но и од политички партии кои се инволвирани во целиот процес“, рече Оливера Аризанова-Мансбарт од Здрава котлина по завршување на протестот од центарот на Струмица.

    На протестот имаше активисти против рудници од целиот Југоисток, кои дадоа поддршка на струмичани. Апелираа до сите институции конечно да се затвори прашањето со Иловица, во спротивно не ја исклучуваат можноста да се бојкотираат изборите, оти сите граѓани во Југоистокот веќе немаат сила и нерви да ги трпат неправдите во желбата за чиста животна средина.

    По протестот, се огласи и концесионерот „Еуромакс“. Во соопштението тврдат дека рудникот нема да загадува и дека целиот комплекс бил развиен врз повеќегодишни истражувања за влијанието врз животната средина со највисоки европски и светски стандарди. Според компанијата, оваа инвестиција нема да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту пак ќе претставува опасност за здравјето на луѓето и ќе докажат дека „во новата ера одржливото рударство и земјоделство можат успешно да егзистираат заедно“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира