Владата треба да ангажира домашни и странски експерти за спроведување на инти корективни мерки за зачувување на Охридскиот Регион на листата на УНЕСКО за светско културно наследство, повикаа од невладината Охрид СОС пред седницата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што од 30 јуни до 10 јули ќе се одржи во Баку, Азербејџан. Поради недоволниот напредок до решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои што претставуваат потенцијална опасност, УНЕСКО во најновиот извештај препорачува да го стави Природното и културното наследство на Охридскиот Регион на Листата на загрозено светско наследство.
„Македонската влада мора да покаже самокритичност и зрелост и да се соочи со фактот дека состојбата на Охридскиот Регион е критична и бара итен, експертски, сеопфатен, долгорочен ангажман. И наместо да се грижи исклучиво за својот рејтинг во јавноста, да ангажира домашни експерти, а не политичари, да побара меѓународна помош и да спроведе итни корективни мерки за спречување на натамошната деградација, со што ќе обезбеди зачувување и унапредување на Регионот и со што себеси ќе си гарантира заслужена поддршка од јавноста”, велат од Охрид СОС.
Од организиацијата укажуваат дека ставањето на Листата на светско наследство во опасност значи дека има итна потреба од мобилизација за меѓународна акција за заштита на даденото подрачје.
„Тоа се случува кога државата покажала неможност да го управува подрачјето на начин кој ќе го заштити и гарантира неговиот интегритет и автентичност односно неговата исклучителна универзална вредност. Меѓутоа, тоа треба да биде и пресвртна точка која ќе ги впрегне сите сили на државата, со помош на УНЕСКО и експертите да воведат коренити промени во управувањето со Охридскиот Регион”, велат од Охрид СОС.
За илустрација го спомнуваат Националниот парк Еверглејдс во САД кој во 2010 беше впишан на Листата на светско наследство во опасност по вторпат, токму по барање на САД поради неговата сериозна и континуирана деградација.
„Тие, исто така, поканија експерти од Центарот за светско наследство и ИУЦН да помогнат во подигање на нивото на заштита на природата на националниот парк. Пред само неколку дена, градоначалникот на Венеција побара од УНЕСКО градот да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму поради алармантната состојба со крстосувачите во лагуната на градот и потребата од преземање ригорозни мерки“, велат од Охрид СОС.
Д. ЧУБРИЌ