Иницијативата за Владата да ја преземе Универзална сала денеска е изгласана во Советот на Град Скопје со 26 гласа ‘за‘, односно со поддршка од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Оваа иницијатива на СДСМ досега двапати беше на седниците на Советот, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ја гласаа. Денеска рекоа дека ќе ја поддржат оти редно време е салата да се направи, а градоначалничката Данела Арсовска тоа не го прави.
Сега Арсовска треба во рок од 7 дена да изготви одлука за предавање на концертната сала на Министерството за култура.
„Се задолжува градоначалникот на Град Скопје во рок од седум работни дена да подготви предлог-одлука за времено отстапување на Универзална сала на Министертвото за култура и тој предлог да го достави до Советот на Град Скопје на првата наредна седница.Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура“, стои во заклучокот по гласањето на иницијативата.
Универзална сала почна да се реновира во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Но, по доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.
А. АНТЕВСКА