ВЛАДАТА ОБЕЗБЕДИ 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПЛАЖИТЕ ПРЕТОР И СЛИВНИЦА, СО СПЕЦИЈАЛЕН БРОД ЌЕ СЕ ЧИСТИ ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    ВЛАДАТА ОБЕЗБЕДИ 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПЛАЖИТЕ ПРЕТОР И СЛИВНИЦА, СО СПЕЦИЈАЛЕН БРОД ЌЕ СЕ ЧИСТИ ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРОПреспа лани ја посетија голем број домашни туристи, кои поради затворените граници летуваа на брегот на Преспанското Езеро (Фото: СДК.МК)

    Владата обезбеди 1,3 милиони евра за уредување на плажите Претор и Сливница во Преспа. Проектот предвидува чистење на Преспанското Езеро со специјален брод дрегер, кој со ишмукување го исфрла талогот на брегот. Постапката е завршена и се чека одобрение од Министерството за животна средина за да почнат активностите со кои двете најатрактивни плажи во Преспа ќе станат чисти и уредени.

    „Почнавме со подготовките за претстојната летна сезона со чистење и уредување на брегот на Преспанското Езеро. Очекуваме да започне и уредувањето на нашите најпознати плажи Претор и Сливница. Владата обезбеди средства од буџетот за Преспа“, вели градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

    Минатата година, Преспа ја посетија голем број домашни туристи, кои поради затворените граници летуваа на брегот на Преспанското Езеро. Гошаревски очекува и оваа сезона да се исполнат сместувачките капацитети. Преспа нема големи хотели. Се нудат индивидуални сместувачки капацитети, куќи и мали хотели. Токму затоа, приоритет на општината е да се стимулира алтернативниот еко-туризам.

    Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски очекува и ова лето да бидат исполнети сместувачките капацитети (Фото: СДК.МК)

    „Последниве години зголемен е интересот кај инвеститорите, но добро би било и кога би се реобновиле некои од поголемите постоечки сместувачки капацитети. како хотелот ‘Европа‘. Сѐ повеќе жители на Преспа бараат категоризација за нивните домови кои ги издаваат“, додава Гошаревски.

    Општината преку разни содржини, активности и промоции ќе го развива туристичкиот потенцијал, а преку проекти и грантови ќе им се овозможи на граѓаните да стигнат до финансиска помош за адаптација на сместувачки капацитети, со цел, како што вели Гошаревски, да се разбуди заспаната убавица Преспа.

    Угостителите се задоволни од ланската сезона и велат дека и ова лето подготвени ќе ги чекаат домашните гости.

    „Во секој случај, ќе ги имаме истите гости кои и претходно уживале во прекрасната природа и добрата храна. Што се однесува до странските туристи, зависи какви ќе бидат мерките за заштита“, вели Пепи Трајчевска, сопственичка на ресторанот „Сансет“.

    Преспа не нуди само плажи. Има и два национални парка, Галичица и Пелистер, прекрасни села, значајни културно-историски споменици. Најпознати и најпосетени туристички места се Претор, Сливница, Крани, Отешево и Стење. Најнова атракција за гостите се селата Коњско, Брајчино и Љубојно, кои пленат со недопрената природа. Гошаревски вели дека жителите полека сфаќаат дека е исплатливо да се живее од туризам, иако со години таму главен приход е јаболкото.

    Според Заводот за статистика, во Преспа лани летувале 4.250 туристи, главно домашни и биле реализирани 16.990 ноќевања. Во Преспа има 262 легла во приватно сместување, 370 во хотелско и 100 легла се нудат во делот на манастирското сместување.

    Општина Ресен преку мониторинг станицата во Стење континуирано ги следи водостојот и квалитетот на водата во езерото.

    „Уште од самиот почеток кога лани забележавме енормно намалување на нивото на Преспанското Езеро ги алармиравме сите надлежни институции. Беше формирана експертска работна група, која изготви акционен план. За среќа, од почетокот на оваа година има зголемување на нивото на езерото и до овој момент, тоа изнесува околу 40 сантиметри. Очекувам со преземање на конкретни активности директно да влијаеме врз зачувувањето на Преспанското Езеро“, вели Гошаревски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира