Владата сака да ја одземе реновираната сала „Партизан“ од владение на Општина Карпош. Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека ваквата идеја на Владата е апсурдна и нема да дозволи да се одземе салата.
„На седница на Генералниот секретаријат на Владата како точка на дневен ред се разгледувало предлог-одземање на спортската сала ‘Партизан‘, која ни беше доделена од Владата пред година и половина по завршувањето на реновирањето. Дополнително, Општината вложи свои средства за опремување и приклучување на парно греење, бидејќи Министерството за спорт не сакаше да го стори тоа. Прво ни ги земаа бараките, сега сакаат и спортската сала“, вели Јакимовски.
Советот на Општината на последната седница донесе одлука салата да не се предава на Владата, односно таа да остане во владение на Општина Карпош.
Дел од салата, со одлука на Советот, е доделен за користење на Стрелачката федерација на Македонија, направена е канцеларија на граѓанското здружение „Културно ехо“, а во тек се јавни повици за изнајмување на делови од салата на спортски клубови.
Салата „Партизан“ беше отворена во март откако цела година после реконструкцијата стоеше затворена оти не беше опремена. Општина Карпош бараше опремувањето и приклучувањето на парно да ги направи Владата, односно Министерството за спорт бидејќи тие ја реновираа, но оттаму сметаа дека таа обврска е на Општината. По отворањето, од Општина Карпош обвинија за лоша изведба бидејќи на некои места салата прокиснувала.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 како донација на француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а беше активен и во иницијативите за обнова.
Во 2005, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја даде салата под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена и затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут и стакло и изгледаше дека во секој момент може да се урне. По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април 2022 почнаа да ја реновираат салата, а во септември лани веднаш до неа почнаа градежни работи за изградба на затворен базен, кој уште не е завршен.
А. АНТЕВСКА