Уште не е одлучено што ќе се прави со споменикот на Мајка Тереза на Плоштад Македонија, иако речиси година и половина изградбата е стопирана. Извештајот на работната група формирана од Министерството за култура за справување со последиците од проектот „Скопје 2014“ е готов одамна, но Владата не донела одлука дали споменикот ќе се урива или ќе се доградува. Споменикот буквално ја блокира улицата за влез на плоштадот и токму тоа е едно од забелешките кои ги дала работната група во извештајот, по што се предлага тој да биде отстранет.
Мирослав Грчев, координатор на работната група, вели дека изградбата на споменикот на Мајка Тереза е најсурово прекршување на низа закони, правниот поредок и владеењето на правото и тој треба да се отстрани.
„Ако сакате да речете дека ги спроведувате законите, тогаш нема дилема дека тој објект треба да биде отстранет. Се работи за тежок злочин, злоупотреба на јавен простор, тешка кражба и криминал. Споменикот е ставен на место кое ниту една земја, колку и да е фашистичка, нема да го смести. Прекршени се Законот за градба, Закон за споменици, Закон за буџет, Законот за градење и урбанистичко планирање. Очигледно е што треба да се направи“, вели Грчев.
Од Министерството за култура велат дека извештајот е предаден на Владата, која треба да се произнесе за натамошните постапки.
Од Владата ни одговорија дека одлука уште не е донесена, оти станува збор за обемен материјал и во наредниот период ќе се изјаснат за натамошните чекори.
„Извештајот на Министерството за култура за недоизградената скулптурна композиција Мајка Тереза на плоштадот Македонија е пристигнат во Владата на почетокот на ноември 2018 година. Се работи за обемен материјал и Владата ќе донесе одлука во наредниот период во однос на понатамошните чекори за овој објект“, велат од Владата.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015 и според договорот со изведувачот „Бетон-Скопје“ треба да чини 5,5, милиони евра и треба да биде висок 32 метри.
А. АНТЕВСКА