Ексградоначалникот на Битола Владимир Талески од судот не го добил упатниот акт за одење в затвор откако скопска Апелација на 27 декември му изрече затворска казна од седум години за злоупотреба на сложбената положба и овластување за случајот „Транспортер“. Неговиот адвокат Димитар Дангов за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека се чека упатниот акт, а откако ќе го примат ќе се проценува моменталната состојба од што ќе зависи дали ќе се бара или не одлагање на излежувањето на затворската казна. Ако се побара тоа, повторно судот ќе треба да одлучува дали ќе го прифати или не.
Во Основниот кривичен суд Скопје ни изјавија дека правосилната пресуда и предметот „Транспортер“ од Апелациониот суд Скопје стигнале дури денеска. Процедурата налага првин одлуките на Апелација Кривичниот суд да им ги достави на осудените, кои скоро сите се од Битола. Утре ќе се знае кој судија за извршување на санкциите ќе го преземе предметот, а најверојатно тоа ќе биде судија од Основниот суд Битола. Тој потоа ќе треба да им достави упатен акт за в затвор на оние кои се осудени на затворски казни во овој голем предмет. Меѓу нив е и Талески.
Според ова, ексградоначалникот Талески новогодишните празници нема да ги мине во Идризово, туку најверојатно дома во куќен притвор.
На Талески по правосилната пресуда за седум години затворска казна, ќе му останат да одлежи уште четири. Според пресудата, во казната му е засметано и времето поминато во куќен протвор од 21.06.2016 до 19.09.2016, како и она од 31.03.2020 до започнување на издржување на затворската казна. Тоа значи дека три години веќе минал во куќен притвор, а сега му остануваат уште четири откако е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување за криминал направен со бесплатниот ученички превоз во Битола.
Неговиот некогашен соработник од Општина Битола, секретарот Слободан Бончановски, за истото кривично дело сега е осуден на 5 години и шест месеци затвор, а му остануваат да одлежи уште две години и девет месеци. Во пресудата која скопска Апелација ја донесе по три години, и за Бончановски, како и за Талески е пресметан и одлежаниот притвор. Така, Бончановски досега одлежал притвор од четири дена, а куќен од 31 март 2020 до почетокот на затворската казна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА